Западот треба да покаже дека позитивните примери треба да бидат наградени, а Преспанскиот договор беше таков позитивен пример. Тој отвори ново поглавје во односите меѓу Грција и Северна Македонија, даде можности за подобра економска соработка и го отвори патот на Скопје кон Европската Унија. Преспанскиот договор има ефект и врз целиот регион, тој е резултат на серија активности и е важен моментум за интеграција на целиот Западен Балкан.
Ова го порача поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел во обраќањето на Самитот на „Економист“ што се одржува во Скопје.
Мичел го истакна и Договорот за добрососедство со Бугарија, а како клучни за иднината на регионот ги посочи разговорите меѓу Белград и Приштина и очекуваниот почеток на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.
– Тоа се позитивни настани кои не беа замисливи пред некое време. Станува збор за подлабоки процеси. Ние на Запад пред извесно време мислевме дека за Балканот нема да може да ги надмине предизвиците во политичка, економска и безбедносна смисла, но се чини дека овие времиња завршија. Регионот и светот сега изгледаат многу поразлично во споредба со 90-години. Поминаа 16 години откако во Солун му беше ветена европска перспектива на Западен Балкан. Конечно очекуваме тоа да се реализира, кажа Мичел.
Предупреди дека ако земјите од регионот не станат дел од ЕУ нешто друго ќе ја пополни таа празнина, без оглед дали тоа ќе бидат Русија и Кина или нови етнички судири.
– Мора економски и политички да го поддржуваме регионот. Западот треба да се гледа од земјите во регионот како средство за воведување мир и просперитет. А, државите во регионот мора да сфатат дека ако го попречуваат патот на своите соседи, го попречуваат и својот пат, рече Мичел.
САД, како што истакна, не бараат ниту територии ниту регионот да биде зависен од нив туку се залагаат за силно демократски држави кои можат слободно да одлучуваат во кој сојуз ќе пристапат.
Тој смета дека Русија и Кина имаат предност во регионот затоа што се верува дека тие ги исполнуваат своите ветувања. Визијата на Русија и Кина за иднината на Западен Балкан, според него, не предвидува слобода и слободен развој на конкурентност, туку нивно ограничување. Русија го зголемува своето влијание во Источна Европа, како и Кина, и се трудат да добијат геополитичка и економска доминација, но станува збор за авторитарни модели каде што целиот развој е условен со авторитарни модели и од политичките настани.
– Балканот има големо значење уште од античко време. Големите сили ги искористувале и злоупотребувале регионот, се користи слабота на малите држави за да се стекне доминација во регионот. Се искористуваат техничките нетрпеливости, како и внатрешните проблеми во државите, рече поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија.
Аспирациите на балканските нации, пак, вели Мичел, од секогаш биле да се воспостави слобода и демократија, а тие станаа многу видливи од 90-години по распаѓањето на поранешна Југославија. Западот ги цени таквите заложби, бидејќи желбите за интеграција и приклучување во ЕУ е модерна визија, која за жал се доведува во прашање поради новите геополитички аспирации на Русија и Кина.
– Русија уште од 18 век се обидува да воспостави контрола и доминација врз целиот регион, не сака консолидација на Западниот Балкан и поддржува внатрешни конфликти за да го спречи владите на земјите во регионот да се приближат кон запад. Кина, пак, се обидува да создаде економска доминација, а Балканот и е клучна врска кон Европа. Русија сака дестабилизација, а Кина економски зависен Западен Балкан, без западно влијание, рече Мичел.
Вели дека САД трудат да бидат присутни во регионот, но оти тоа мора да биде повидливо. – Наша цел е во регионот да има демократски држави кои ќе ги почитуваат законите и во кои ќе нема потенцијал за меѓуетнички и други конфликти, да има политичка и економска сигурност, наспроти другата визија за регионот за авторитарни режими со корупција и нестабилност. Мора повеќе да бидеме присутни и да ја зацврстиме нашата позиција на Балканот. Треба да внимаваме да не се повторат лошите приказни од минатото, рече поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел во обраќањето на Самитот на „Економист“.