Туристичката сезона во Грција од вчера официјално започна, а по 14 месеци пауза, дозволен е влез и за македонските државјани, но рампата е крената само на граничниот премин Евзони (Богородица), додека пак патувањето е сосема поинакво од она на што бевме навикнати пред пандемијата.
Дописничката на МИА од Атина анализира, кои се протоколите за патување во Грција, што е потребно за влез во земјата, кои се задолжителните документи што ги бараат грчките власти, но и кои се мерките што во овој момент се во сила во Грција и важат како за Грците, така и за туристите.
За влез во Грција, задолжителни се два документи, едниот е специјален образец (PLF) со лични податоци, адреса и траење на престојот во земјата, што се пополнува на специјален сајт до еден ден пред патувањето, а вториот е документ е поврзан со Ковид-19 што докажува или вакцинација или негативен ПЦР тест или прележана болест.
Граничниот премин Евзони (Богородица) е отворен од 7 до 23 часот по грчко време, односно од 6 до 22 часот по македонско.
Грција ги признава сите вакцини, а не само оние одобрени од Европската агенција на лекови, па така освен со Фајзер, Астра Зенека, Модерна или со Џонсон и Џонсон, за посета на јужниот сосед, прифатена е потврда и за двете кинески и за руската вакцина.
За патување со сертификат за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 од ревакцинацијата, а потврдата треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Податоците околу вакцинацијата треба да се внесат и во специјалниот PLF формулар.
Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде до 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Согласно министерската одлука објавен вчера, како што пренесе МИА, во Грција може да се влезе и со потврда за прележан Ковид-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.
Овие правила не важат за децата до пет години.
Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот, доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.
Што треба да пополни секој кој планира да патува во Грција?
Од 1 јули 2020 година, со почетокот на ланската туристичка сезона, грчката Влада воведе специјален образец (PLF), задолжителен за сите оние кои пристигнуваат во Грција, без разлика дали е тоа со авион, со брод или преку копнените граници, а ќе добијат единствен QR-код што е поврзан со алгоритамот за селекција на лица што ќе бидат тестирани со рапид тестови за Ковид-19 по случаен избор.
Па така, македонските граѓани ќе треба, до еден ден пред патувањето да се регистрираат на специјалната интернет страница https://travel.gov.gr/#/ и да го пополнат „Passenger Locator Form (PLF)“, односно образецот со лични податоци, траење и адреса на престојот во Грција, а на граничните премини може да се покаже или од мобилните телефони или во отпечатена верзија.
Дописничката на МИА од Атина, детално ги пренесува чекорите за пополнување на формуларот „Passenger Locator Form (PLF)“ за македонските државјани кои планираат да патуваат во Грција.
Првиот чекор е регистрација со електронска пошта, по што стигнува мејл за потврда, а веднаш потоа следи прашалникот.
Првото прашање се однесува на тоа дали пристигнувате или си заминувате од Грција (втората опција се однесува само на грчки државјани и лица кои живеат во земјата), а следно треба да се одбере и начинот на пристигнување, односно дали ќе биде по копно, со авион, со крузер или траект.
Откако патникот ќе одбере копно, ќе треба да прецизира дали кај јужниот сосед влегува со автобус, автомобил или воз.
Доколку патува со автомобил, ќе треба да го внесе и бројот на регистарски таблици, а во формуларот, како што пренесува МИА, треба точно да се прецизира датумот на влез во Грција, како и граничниот премин (во конкретниот случај Евзони – Богородица, бидејќи засега само тој е отворен).
Потоа, треба да се одговори со каков документ за Ковид-19 влегуваат во Грција. Засега има само две опции: завршена вакцинација и негативен ПЦР тест направен не повеќе од 72 часа пред патувањето.
Согласно министерската одлука објавена вчера, како што веќе соопшти МИА, постои и трета опција, за оние кои прележале Ковид-19, но веројатно оваа можност сѐ уште не е вклучена во системот.
При патување со сертификат за вакцинација, се пополнуваат и податоци за тоа во која земја е вакцинирано лицето, со која вакцина и кога ја примило втората доза.
Следниот чекор се однесува на личните податоци: име и презиме, пол, возраст вид на документ со кој се патува, број на пасош, број на мобилен телефон и мејл, по што следат и податоците за постојано живеалиште (земја, град, улица и сл).
Следната графа е привремениот престој, односно каде туристот ќе биде сместен во следните 14 дена.
Дополнително потребно е да се наведе лице за контакт за итни случаи во следните 30 дена, а последниот чекор се однесува на лицата кои патуваат заедно. За семејствата доволен е еден образец.
Откако ќе се одговори на сите прашања, на мејлот со кој се регистрирал патникот, ќе добие единствен баркод (QR code), според кој ќе се врши и селекција на патниците и кои ќе бидат тестирани за Ковид-19.
Образецот во електронска или отпечатена верзија ќе треба посетителите да го покажат при пристигнувањето на граничниот премин, заедно со пасошот и документот поврзан со Ковид-19.
На сите влезни точки во Грција, ќе се спроведуваат наменски тестирања со рапид тестови, односно случајниот избори на лица за тестирање ќе биде согласно конкретен алгоритам и пополнетите податоци во образецот.
Рестрикциите и мерките во Грција важат и за туристите
Грција вчера излезе од шестмесечниот карантин и се укина задолжителното испраќање смс пораки, меѓутоа сѐ уште се во сила одредени мерки кои важат и за Грците и за туристите, а за нивно непочитување предвидени се парични казни.
Маската е задолжителна како во надворешните делови, така и на затворено, потребно е одржување дистанца, а полицискиот час во земјата е од 00.30 до 5 часот наутро.
Кафулињата, рестораните, таверните и сл. затвораат 15 минути по полноќ, отворени се само на летните тераси, а до крајот на месецов забранета е музика.
Речиси идентични се мерките и за плажите и бич баровите кои беа отворени минатата сабота.
Лежалките и чадорите се поставени на растојание, за персоналот, задолжителни се маската и селф тестовите, односно тестовите за домашна употреба, а задолжителна е употребата на антисептик и дезинфекција на лежалките.
Ноќните клубови, дискотеките, баровите на затворено, засега не работат.
Заедно со туризмот, вчера се отворија музеите, за една седмица ќе почнат со работа и летните кина, а од 28 мај дозволено е организирање претстави и концерти на отворено.
Од почетокот на пандемијата во Грција, мерките, рестрикциите, правилата се менуваат во зависност од епидемиолошката слика во земјата, а одлуките што се носат најчесто се за период од седум до десет дена, по што следи нивно одново разгледување и евентуално продолжување, укинување, олабавување или дополнително затегнување, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова важи како за мерките во внатрешноста на земјата, така и за влезот на странски државјани.
Во Службен весник на Грција, вчера беше објавена одлука за граничните премини, а Северна Македонија веќе е меѓу земјите за кои и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, што е на сила до 24 мај 2021 година.