Водителката Миа Костова, позната како еден вид на заштитен знак на естрадниот магазин ,,Бекстејџ” за прв пат се појави во музички спот. Се работи за новата песна на ДНК, насловена ,,Ние”, а Костова вели дека не зажалила кога ја прифатила понудата да се проба и во тие води, и со задоволство ја одиграла својата улога.
Видео записот се снимал во Турција, хотелот „Босфорус“ во Анталија и во амфитеатарот во Сиде, а покрај Миа, една од главните улоги му припаднала и на Хаки Алан.
-Среќна сум што ја прифатив понудата на ДНК и можеби ги имав и најубавите седум дена со целата екипа во Турција, за време на снимањето. Благодарна сум и на Фибула Травел, бидејќи се помина беспрекорно – за ,,Фокус” раскажува Костова.
Вели дека и е драго што го скршила мразот и на ова поле, а посебно што тоа се случило со видео спот на ДНК, бидејќи атмосферата поминала во одлично расположение. Околу тоа дали планира и во иднина да се појави во некој видео запис, додава дека е отворена за соработка.
-Го скршив мразот на ова поле, со појавување во музички спот, но тоа не значи дека ќе ми стане пракса. Единствено ако ДНК не ме сакаат и во наредниот спот – се смее водителката. Песната „Ние“ е со потпис на авторскиот тандем – Лазар Цветкоски и Панчо. Музиката е нивно заедничко дело, текстот е на Панчо, додека аранжманот е на Лазар. За мастерингот, пак, се погрижил Крис Герингер, Sterling Sound, од Њујорк. Герингер во својата биографија има запишано соработки со Дрејк, Карди Б, Ријана, Лејди Гага, Ву Танг Клан и многу други. Режисер е Даниел Јовески, кој открива дека во записот Панчо преку фотографии патува низ сеќавањата, во времето кога бил среќен со саканата.
Вики Клинчарова