Осум години се лажирала брзината на кобниот автобус од Ласкарци

by Fokus 11:21
11:21

Возач кој работи во Дурмотурс, Филип Наумовски дента на 13 февруари кога се случи трагедијата кај Ласкарци, бил кондуктер во кобниот автобусот, но се симнал во скопската населба Ѓорче Петров и се спасил од трагедија.

Тој денеска се појави на судењето како сведок и одговараше на прашањата на обвинителот за работењето на фирмата во која вози од 2011 година. Наумовски чиј газда е обвинетиот сопственик на Дурмотурс, Дурмиш Белули, пред судот призна дека во автобусот бил вграден манипулатор за брзината на тахографот кој ја лажирал брзината за 12, 13 километри.

Вакви манипулатори имало вградено во три автобуси во сопственост на фирмата. За манипулаторите дознал неколку месеци откако бил примен на работа во 2011, што значи автобусите возеле со манипулатори околу осум години.

- Advertising -

Сведокот заедно со уште еден возач кој претходно сведочеше, но не се сеќаваше на ништо, Бесник Халили, ги имал носено автобусите во фирма во Железара за да се вградат манипулаторите. Како што му кажал неговиот колега, тоа го наредил шефот на возниот парк, Ремзи Мифтари. Иако Мифтари, кој е обвинет во овој случај, бил шеф, возачите сами ги договарале распоредот на работни часови, сите возеле на една тахографска лента.

Свесни биле дека тоа е недозволиво, но сепак го правеле тоа бидејќи никој не ги контролирал и за ова имало преќутна дозвола. Ниту сопственикот Белули, ниту Мифтари не се интересирале како се пополнувале тахографските ленти. Иако обвинителот го прашуваше сведокот дали сега има манипулатори и каков е сега превозот од Гостивар кон Скопје судот не го дозволи ова прашање, иако граѓаните уште се превезуваат со овие автобуси.

Обвинителството откри низа криминални пропусти во фирмата, автобусите биле носени на технички преглед во во фирма за технички преглед сопственост на истиот газда, Белули. Кога се случила несреќата автобусот возел со неприлагодена брзина, тахографот покажувал дека се возело со 80 километри на час, но вештачењата покажаа дека брзината е изманипулирана и се возело со 100 километри на час. Во несреќата што се случи на 13 февруари загинаа 16 лица и над 20 беа повредени.

Фросина Факова

Поврзани новости