Метастазира хаосот на Онкологија: Клиниката набилда долг од 20 милиони евра, вработени крадат цитостатици од болните од рак!

Долги години Онколошката клиника е мета на скандали, кои директно удираат врз грбот на пациентите, иако здравствените власти многу добро секогаш се труделе да ги сокријат од јавноста. Таму се случуваат шокантни работи, кои ги констатираа и државните ревизори, за кои во секоја друга држава, паѓаат оставки, само во Македонија се поминува така.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

На само неколку метри од главната улица на Водњанска, подзатскриена меѓу дрвја се наоѓа скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, единствена од таков вид во Скопје, каде се слеваат сите пациенти „жртви“ на опаката болест.

Уште на самиот влез ве дочекува гужва од пациенти, дојдени од сите градови, кои маката ги натерала да ја посетат оваа клиника, која уште по самото име втерува страв во коски.

Преполни ходници со болни, начичкани едни до други, листи на чекање, млади и стари, од 20 па се до 70 години чекаат на шалтерите за да можат да влезат кај докторот-онколог, кој преку резултатите од испитувањата и во зависност од тоа за кој вид на карцином странува збор, треба да им ја одреди терапијата, кој сепак дава барем малку надеж дека може и ќе успеат да се спасат. Дел успеале во оваа битка, ама повеќето не. Се на се, еден голем хаос, без никаков ред и поредок.

Потребни се часови додека еден пациент дојде на ред, лекарите како да се „оперирани“ од емпатија, а пациентите како на машина само чекаат некој да одреди терапија за да можат барем малку психички да се смират.

Едни чекаат ред за да почнат со хемотерапија, други за зрачење, трети за првпат се соочуваат со тоа што ги чека. Исто така, полни соби со пациенти хоспитализирани од цела држава.

Ова е една од клиниките, каде како што успеавме да забележиме владее тотална анархија.

Ова што се случува на клиниката е страшно. Ајде додека по другите клиники чекаш резултати од испитувањата, поточно да си потврдиш дали си болен или не, па цело време живееш во психички терор, после почнуваш да водиш битка на самата клиника.

 

Таму е тотален хаос, цела Македонија е тука. Не се знае кој што прави. Само едно ќе кажам тешко на болните“, вели 48-годишна штипјанка, која повеќе од шест месеци е редовен пациент на клиниката, каде прима хемотерапија.

Сепак, ова не е нешто ново и не се случува само сега. Долги години Онколошката клиника е мета на скандали, кои директно удираат врз грбот на пациентите, иако здравствените власти многу добро секогаш се труделе да ги сокријат од јавноста. Таму се случуваат шокантни работи, кои ги констатираа и државните ревизори, за кои во секоја друга држава, паѓаат оставки, само во Македонија се поминува така.

Пропусти при набавка на биолошка терапија, акцелератор кој фаќа прав, монополски тендери, лошо планирање на системот за приклучување на пациенти на терапијата, набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на Буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра. Ова се дел од наодите на државните ревизори за работењето на Клиниката за онкологија во 2021 година.

 

Вработени во Клиниката за онкологија се распоредени на места кои не постојат во систематизацијата и произволно им се одредени коефициенти и додатоци на плата“, се наведуваше во последниот ревизорски извештај.

СЕ ПРОДАВААТ ЛИ ЦИТОСТАТИЦИ?

Пред речиси четири години поранешниот министер за здравство Венко Филипче за првпат во историјата на Македонија и на онколошкото лекување ја најави биолошката терапија за лекување на заболените од карцином, посебно за оние кај кои нема позитивно дејство од хемотерапијата.

Станува збор за 40 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број на пациенти кои се со хемато-онколошки малигнитети, но и пациентите со солидните тумори. 2019 е година на воведување на современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања“, тврдеше тогаш Филипче.

Од тој момент започна набавката на оваа терапија, која помогна на дел од болните, но многу од вработените ја искористија за дополнителна заработка, а клиниката, според нашите извори отиде во долгови и тоа вртоглави 20 милиони евра за последните три години, со што доживува целосен финансиски колапс. Од тука, Онкологија влезе во топ пет должници од државните установи.

На тоа претходеше оставка и на тогашниот директор доктор Нино Васев, кој управуваше со клиниката од доаѓањето на СДСМ на власт, поточно од 2017 година. Во тој период „пукна“ и скандал дека се препродавале цитостатици од страна на вработените, со што дел од пациентите биле оставени без терапија или, ако пак во услови кога немало дел од неа, истите вработени ја продавале на болните.

Клучни забелешки во тој сегмент нотираа и од Државниот завод за ревизија, а тоа е начинот на набавка на биолошката терапија и начинот на кој се креира листата на пациенти кои ќе ја примаат терапијата. Клиниката купувала биолошка терапија од само еден доставувач и тоа на реверс без одобрени средства од Фондот за здравство.

Во моментот на ревизијата Клиника е тужена од повеќе оператори за долг во висина од 885 милиони денари или 14 милиони евра од кои 94 отсто се фактури за набавка на лекови и медицински материјали“, потврдија од ДЗР.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК. 

Поврзани новости