МЕСО: Имаше ли воопшто преговори меѓу СОНК и Министерство за образование?

by Фокус

Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО) се спротивстави на одлуката на СОНК за прекин на штрајкот во образованието. На денешната пресконференција од синдикатот истакнаа дека се сомневаат и дали воопшто имало преговори меѓу СОНК и Министерството за образование, бидејќи ставот на Министерството беше дека нема да се преговара се додека наставниците штрајкуваат. Од СОНК пак, рекоа дека спогодбата е постигната по неколкудневни интензивни преговори.

– Ја осудуваме одлуката за прекин на штрајкот, особено зашто е донесена во очи на најавениот генерален протест кој се очекуваше да биде масовен и поддржан од најразлични групи граѓани. Наместо СОНК да го искористи притискот кон власта за постигнување на поголеми работнички права, тие повторно ја изиграа довербата на своето членство, рече претседателката на МЕСО, Сузана Стефановиќ.

Од Мултиетничкиот синдикат велат дека е недозволиво да се прекине штрајк, без притоа конкретно да се оствари барем едно од барањата. Исто така, СОНК не ги консултирал за ваквата одлука, иако тие им ја дале целосната поддршка во барањата за поголеми права на просветарите.

-Без способно и храбро синдикално раководство не може да се изборат работнички права. Ваквото однесување на СОНК е дилетантско и тие сами се откажаа дополнително да ја пристиснат власта со генералниот штрајк, изјави Здравко Савески, секратар на МЕСО.

Од МЕСО велат дека останува нејасно и дали наставниците кои штрајкуваа ќе добијат цели плати и што ќе се случи доколку до 15 март не се исполнат барањата, бидејќи штрајкот е целосно прекинат, а не е ставен во мирување.

Поврзани новости