Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) најостро ја осудува објавата за прекин на штрајкот во образованието, која раководството на СОНК ја донесе без консултација со сопственото членство и без да биде усвоено ниту едно од барањата со кои го отпочна штрајкот.
– Сето она што е договорено во Спогодбата со Министерството за образование е премногу неодредено за да може да биде оквалификувано дури и како најмал позитивен исчекор од гледна точка на вработените во образованието. Потенцираме дека потпишаната Спогодба, покрај тоа што не поседува никаква конкретна придобивка за вработените во образованието, не содржи одредби дека е постигнат договор да им се исплати плата на вработените кои штрајкуваа, а исто така не содржи одредби за укинување на крајно штетните одредби за штрајк во основното и средното образование, кои Владата ги воведе во септември 2014 година – се наведува во соопштението на МЕСО.
Оттаму велат, она што особено фрапира е што одлуката за прекин на штрајкот е донесена во пресрет на закажаните протести во повеќе градови во Македонија, кои според МЕСО, можеа да се искористат за да се изврши поголем притисок Министерството да ги исполни работничките барања. Мултиетничкиот синдикат на образование е подготвен да ги прифати незадоволните членови на СОНК за заедно да се борат за одбрана на правата и достоинството на вработените во образованието.