Најдобрите фудбалери во последната деценија Лионел Меси и Кристијано Роналдо нема да ја добијат Златната топка оваа година, објави „Дејли Мирор“. Покрај тоа, капитен на Барселона и ѕвездата на Јувентус дури и нема да влезат меѓу првите тројца.
Како што се наведува во англискиот весник, најверојатно, наградата ќе ја добие Лука Модриќ. Хрватот со Реал ја освои Лигата на шампионите, а со Хрватска играше финале на Светското првенство. На двата турнири, тој беше прогласен за најдобар играч.
Покрај Модриќ, меѓу првите тројца ќе бидат Рафаел Варан, кој со Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите, како и со францускиот тим на Светското првенство и уште еден Французин,Килијан Мбапе од ПСЖ.
Последниот играч кој ја освоил наградата Златната топка пред Роналдо и Меси беше Кака во 2007 година.
Наградата Златна топка за оваа година ќе биде доделена на 3 декември во Париз.