Актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, ќе биде кандидат на ДУИ за нов мандат за градоначалник на претстојните локални избори во октомври, соопшти првиот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, за време на панел-дискусија организирана од Општина Струга по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
-Рамиз е добар градоначалник и за Македонците и за Албанците, и за Турците и за Ромите. На присутните им испратив порака од господинот Ахмети дека господинот Рамиз Мерко ќе биде кандидат за уште еден мандат во Струга на локалните избори за 17 октомври затоа што сме убедени со господинот Мерко ќе победиме и ќе продолжи успешното менаџирање со Струга, затоа што тоа го бараат и граѓаните – рече Груби.
Тој додаде дека Мерко ќе си каже кои ќе бидат клучните проекти со кои ќе ја бара довербата од стружани, но вели дека ќе има зелена агенда.
-Нашата зелена агенда ќе биде главна цел на овие избори и за нашите градоначалници. Партијата на републичко ниво ќе воспостави некои определби, три, пет или седум, кои ќе бидат генерални за секоја општина, додека спецификите за секоја општина ќе си ги изградат локалните тимови – порача Груби.