Граѓанските здруженија кои се организатори на утрешниот протест „Излези за воздух“ денеска реагираа на мерките против загадувањето кои ги предложи Министерството за животна средина и просторно планирање. Велат дека три од седумте препораки на Министерството, се во суштина евакуација на населението, а не мерки за спречување на аерозагадувањето (ослободување од работни обврски на хронични болни, бремени жени и лица постари од 60 години; предвремен зимски распуст за училиштата; забрана за работа на градежни работници на отворено).
-Наместо да си ја префрлаат топката, Владата, МЖСПП и локалните самоуправи на загрозените општини треба итно да реализираат кризни, краткорочни мерки, а истовремено да работат и на долгорочни, стратешки мерки кои ќе превенираат вакво енормно загадување. Со други зборови, Владата, МЖСПП и општините не треба да бидат само декларативни „пожарникари“ против аерозагадувањето, туку треба да работат на спроведување на итните мерки и на превенција, велат од „Излези за воздух“.
Тие порачаа дека ќе продолжат со граѓански притисок врз власта и со секојдневна анализа на нејзината работа.
-Нашата кампања за чист воздух нема да запре се додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ2.5 честички не се доведат под максималната граница пропишана од ЕУ, во период од 10 последователни денови, порачуват организациите.