Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека очекува британскиот парламент да го одобри Договорот за Брегзит, кој британскиот премиер Борис Џонсон го склучи со ЕУ.
– Јас на овој договор му давам многу, многу голема шанса да биде одобрен и во Велика Британија и тоа би било добро за сите нас- изјави Меркел на собирот на бизнисмени во Берлин.
Џонсон денеска ја доби најзначајната поддршка во предизборната кампања, откако Партијата за Брегзит на Најџел Фараж се повлече од трката на 317 места, сакајќи да помогне во победата на конзервативните кандидати и да ги спречи противниците на Брегзит да го контролираат следниот парламент.
Овој потег значително ги зголемува шансите на Џонсон да остане премиер и конечно да се спроведе резултатот од референдумот одржан во 2016 година, кога Велика Британија одлучи да ја напушта Европската унија.