Казна од 200 евра за родителите чие прваче беше избркано од училиште со полиција

by Fokus

Се ближи крајот на првото полугодие, а судбината на невакцинираните ученици останува нерешена. Официјално, според информациите во Министерството за образование и наука, 189 деца не следат настава поради тоа што не биле вакцинирани против морбили.

Од страна на Државниот просветен инспекторат, на родителите на првооделенецот кој беше избркан  од училиштето „Блаже Конески“ во Велес деновиве им стигна прекршочен платен налог, со кој се одредува глоба од 200 евра, во денарска противвредност. Глобата е изречена според член 168, став 4 од Законот за основно образование: „Глоба во износ од 200-250 евра е предвидено за родителот, старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание.

Дали одговорните во државниот просветен инспекторат се „изгубени во преводот“ на законите?

-Во однос на случајот во училиштето ООУ,, Блаже Коневски” – Велес, Ве известуваме дека од страна на Државниот просветен инспекторат е извршен инспекциски надзор. При надзорот е констатирано дека училиштето при упис на ученици во прво одделение постапило согласно Законот за основното образование, додека со родителот поради неисполнување на законската обврска предвидена со член 8 став 2 и член 60 став 2, како и член 162 став 2 од закон за основното образование (Службен Весник бр.161/2019 ) спроведена е едукација согласно Законот за просветната инспекција. Понатамошните постапки на Државниот просветен инспекторат ќе бидат во согласност со постојната законска регулатива, додека родителот е должен да му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание, велат во одговорот за „Фокус“ од Државниот просветен инспекторат.

Ако го отворите Законот за основно образование ќе забележите дека ниту еден од посочените членови кои ни ги предочи ДПИ не кореспондира со членовите од Законот за основно образование од 2019 година на кој се повикуваат родителите на одговорност. Согласно Законот, наведените членови се однесуваат на следните основи член 8 став 2 ( За децата од ставот (1) на овој член се организира настава по мајчин јазик, во согласност со меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија.) и член 60 став 2 (За причините за префрлување на ученикот во друго основно училиште одлучува комисија формирана од директорот на училиштето, составена од одделенскиот раководител или раководител на паралелката, два наставника и психологот или педагогот во училиштето и претседателот на Советот на родителите), како и член 162 став 2 од закон за основното образование (Службен Весник бр.161/2019 ) (Средствата од ставот (1) на овој член се распределуваат на општините по пат на блок дотации и наменски дотации согласно со Уредбата за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите и Уредбата за методологијата за распределба на капиталните и наменските дотации утврдени во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.)

Одговор од МОН и МЗ до објавувањето на веста не добивме.

Реакција на Здружението „ОД НАС ЗА НАС “ Скопје

 – Детето беше запишано во текот на мајскиот уписен рок, за да на 4 септември директорот усно им соопшти на родителите дека детето не е примено. Зошто е тоа така – родителите не добиваат писмен одговор. Немајќи писмен одговор, родителите продолжуваат да го носат детето на училиште, за да подоцна биде отстрането од настава со полициска асистенција. Родителите поднесоа  претставка до Инспекцискиот совет, по којашто тие не можат да се произнесат заради тоа што МОН сеуште нема доставено решение. Директорот на ОУ „Блаже Конески“ – Велес, исто така јавно го повика МОН за решение за случајот По инцидентот со полицијата, родителите одлучуваат да почекаат официјално решение и известување, за детето да не трпи дополнителни психолошки трауми, велат во писмената реакција од  Здружението „ ОД НАС ЗА НАС “Скопје.

Според  адвокатот на родителите кои се соочуваат со овој проблем, Звонко Давидовиќ оваа одлука на директорот и игнорантскиот однос на министерството за образование, па и за здравство едноставно покажуваат негрижа за децата.

-Ние за конкретниот случај поднесовме кривична пријава и против директорот на ова училиште, но поднесени се и кривични пријави против министрите на МОН и МЗ поради противуставни одлуки поради кои најмногу страдаат децата. На родителот не му се дава право да бира дали ќе го ваквцинира своето дете. Оваа година условено е со потврда за примена вакцина да се интегрира во системот. Законот за спречување и забрана на дикриминација јасно кажува што е дискриминација во член 6, а меѓудругото тоа е оневозможување на пристап до добрата и услугите. Правото на образование е задолжително и бесплатно за сите. Кај нас е условено со потврда за примена вакцина. Според членот 3 од Конвенцијата против дискриминација во образованието, државите членки се обврзуваат да ја укинат секоја управна практика која дозволува дискриминација во просветата. Од друга страна, зошто докторите не препорачуваат, едно дете пред да прими ваквцина, да биде испитана комплетно неговата здравствена состојба? Генетски и други испитувања се препорачуваат дури отпосле кога ќе се појави некаков посериозен проблем. Зошто Министерството за здравство не наложи сето ова да се прави претходно, а наместо тоа присилува вакцинирање и плус не покажува грижа за поединецот.Ние имаме најмалку 15 случаи каде се водат постапки за утврдување на одговорност бидејќи во едно општество не е во ред да донесете одлука за забрана на упис на основци во училиштата, а имате Закон за основно образование според кој истото е задолжително, објаснува Давидовиќ.

Пред две недели регистриран е уште еден нов случај на мали сипаници, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Станува збор за детенце од Скопје, од возрасната група од една до четири години. Епидемијата на територијата на државата сѐ уште трае, а ќе се прекине ако има два последователни термини од вкупно 42 дена кога нема да има нов сомнителен случај.

Пред почетокот на учебната година министерот за здравство Венко Филипче предупреди дека  нема запишување на невакцинирани деца во школите и градинките како согласно правилниците, така и согласно важечките закони, затоа што никој нема право да го загрозува јавното здравје со своите индивидуални постапки.

Соња Танеска

Поврзани новости