Германската канцеларка Ангела Меркел денеска оцени дека спорот околу мигрантска политика меѓу владините партнери, не ја нарушува стабилноста на нејзината коалициска Влада.
– Не можам да ветам дека повеќе нема да имаме спорови околу ова, но и околку други прашања. Тоа е сосема вообичањено кога Владата вклучува три партии, изјави Меркел во интервју за телевизијата АРД.
Осврнувајќи се на притисокот на кој беше изложена од страна на најмалиот партнер во владината коалиција, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ) за поригорозна мигрантска политика, Меркел оцени дека станува збор за „тежок спор за тема, која е многу емотивна“.
– Ќе направам се што е до мене да гарантирам дека добро ќе ја вршам мојата работа и тоа не само сега, туку и во следните години, нагласи Меркел.
Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел и нејзината сестринска ЦСУ на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер во понеделникот вечерта постигнаа договор за формирање специјални транзитни зони на германската граница со Австрија, каде што ќе бидат задржувани мигрантите кои веќе се регистрирани во други земји членки на ЕУ, со можност да бидат враќани назад.
Договорот предвидува мигрантитете во овие центри да немаат речиси никаков контакт со надворешниот свет. Во центрите ќе се обработуваат нивните барања за азил, со што се напушта праксата барателите на азил да бидат распоредувани низ германските градови и села, каде го учеа германскиот јазик и имаа можност за интеграција.
Според барањата на Зехофер, овие центри ќе бидат строго наменети за обработка на барањата за азил и нема да ги подготвуваат мигрантите за подолготраен престој во Германија.
Зехофер се закануваше со оставка и со раскинување на долгогодишната коалиција меѓу ЦСУ и ЦДУ, доколку не се стори нешто во врска со напливот на мигранти.
Но, пред Меркел да може да го реализира договореното во пракса, за договорот треба да добие согласност и од третиот коалициски партнер во Владата, Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Претходно СПД отфрлаше слични предлози, а и сега некои високи партиски функционери на социјалдемократите остро го критикуваа договорот меѓу ЦДУ и ЦСУ.
Првиот човек на младинската организација на СПД – Јусос, Кевин Кухнерт во интервју за германско радио изјави дека партијата се изјаснила против создавањето затворени институции за барателите на азил и дека не очекува сега таа едноставно да се согласи со договорот.
– Транзитните центри на никој начин не се опфатени со коалицискиот договор, изјави за весникот „Велт“ експертот на СПД за миграциски прашања, Азиз Бозкурт, додавајќи дека камповите се надвор од прагот на толеранцијата на социјалдемократите.
Сепак, малку е веројатно дека Социјалдемократската партија ќе го раскине коалицискиот договор со Меркел, со што би предизвикала нова политичка криза во Германија.