Откако Јана Бурческа, нашата претставничка на Евровизија не успеа да се пласира во финале, не стивнуваат реакциите по социјалните мрежи. Истиот ,,малер’’ го имаа и докажани музички имиња, како Тоше Проески, Калиопи, Каролина, Есма, Владо Јаневски… Дали е до квалитетот на изведувачот, до песната, до сценскиот настап, до организацијата, се прашања кои што секоја година се ,,вртат’’ помеѓу народот.
И покрај тоа што Јана дефинитивно остана забележана од светската јавност, и ќе биде запаметена по романтичното запросување, по обелоденувањето на веста во спотот дека очекува бебе, но и по добриот настап, кај нас мислењата се поделени.
Некои сметаат дека едноставно немаме среќа кога е Евровизија во прашање, други се држат до разни теории на заговор помеѓу земјите учеснички, а трети вината ја фрлија врз нашата евровизиска делегација, на чие што чело е Мери Попова, инаку уредничка на забавната редакција во МТВ.
,,Фокус’’ стапи во контакт со Попова, шефица на македонската евровизска делегација, која што моментално е во Киев, и поразговаравме околу актуелните случувања, но и обвинувања за константно лошиот пласман на нашите претставници, кога е Евровизија во прашање.
ФОКУС. Какви се вашите ставови околу настанот вчера, зошто според вас не успеавме да влеземе во финале?
ПОПОВА: Во финале влегуваат само десет земји, не може сите да влезат! Постојат повеќе одговори и ,,теории на заговор’’ кои што остануваат во кругот на евровизиските кулоари. За крајниот пласман одлучуваат 210 членови на национални стручни жирија и милионска европска публика, но очигледно е дека Македонија секоја година добива мал број на гласови на телевоутингот.
ФОКУС: Дел од прашањата кои што денес се актуелни на социјалните мрежи се – Колку членови има македонската евровизиска делегација, што се тие по професија, колку години сте вие на чело на делегацијата?
ПОПОВА: Јас сум само пет години на чело на македонската евровизиска делегација, а другите членови се во состав : Александра Јовановска, шеф на прес и новинар во МТВ, Каролина Петковска, уредник, новинар и коментатор, Авни Кајили, уредник и новинар на Културно – забавната програма на Втората програма на МТВ и Цветко Стојановски, снимател и директор на фотографија во МТВ.
ФОКУС: Вистина ли е дека имате на располагање околу 400.000 евра буџет за настанот, односно, со колку всушност средства располагате?
ПОПОВА: Не! Корпоративна информација! Тоа е исто како да ве прашам со колкав буџет или донации располага вашиот медиум.
ФОКУС: Со оглед на тоа што се работи за МТВ, кој што е јавен сервис, информацијата би требало да биде од јавен карактер…
ПОПОВА: Буџетот на Евросонг е секоја година ист, и се носи на годишно ниво, и тоа не е тајна информација. Истата може да се провери во релевантните служби на МТВ.
ФОКУС: Дали делегацијата чувствува морална одговорност поради константните лоши пласмани на Евровизија?
ПОПОВА: Ни случајно! Нашата работа е максимално професионално одработена од секој поединец во тимот! Ова не ни се случува само нам, туку и на уште 15 други европски земји кои не обезбедија пласман во финалето, меѓу кои и многу поголеми, побогати и повлијателни земји во Европа.
ФОКУС: Ваша порака до македонската јавност, која што доста бурно реагираше, имаше критики и за Јана, но и за нашата делегација?
ПОПОВА: Неколку статуси на лажни профили и блогови не ја отсликуваат комплетната македонска јавност. Напротив, додека светските медиуми наголемо зборуваат за исклучителната промоција што и се случи на Македонија, некои злонамерници се обидуваат да фрлат дамка врз се! И за крај се прашувам, колку пати е поголем ,,буџетот’’ за плукање и деградирање по социјалните мрежи на името на Македонија, од оној за промоција на евровизискиот проект?
Вики Клинчарова