Изградбата на гасоводот на лот5 , Скопје –Тетово – Гостивар, продолжува според основниот проект кој има правосилно одобрение за градба и сите други
потребни дозволи дефинирани со позитивните законски прописи. Изградбата е според
сите стандарди на квалитет и безбедност, порачуваат од Македонски енергетски ресурси (МЕР).
-Ако има сомнеж или индикации за каква било повреда на некои законски постапки и прописи, ги повикуваме сите што евентуално поседуваат такви информации да се обратат до надлежните институции во рамки на правниот систем на државата, велат од МЕР во рекација на денешното соопштение од Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ во кое побара итно прекинување на активностите за изградба на гасоводот низ Водно заради, како што велат, загрозувањето на животот на работниците на терен и игнорирањето на мерките за заштита од ерозија.
МЕР, порачуваат, има постојана комуникација и соработка со граѓанското здружение, со цел инклузивност, информираност и сеопфатност, и така ќе продолжиме и понатаму.
– Координацијата можеше да биде уште поефективна доколку граѓанската иницијатива воспоставеше појасна структура за комуникација со институциите, на што МЕР укажа некоку пати, и поради што се појавија извесни недоречености и недоразбирања. Сепак, како резултат на овие разговори произлегоа низа предлози идеи и сугестии кои што придонесоа за намалување на влијанието врз животната средина, и ние им се заблагодаруваме на нивниот придонес, велат од МЕР.
Напоменуваат дека Владата, МЕР и Град Скопје ги прифатија најголемиот дел од барањата и сугестиите, како што се: намалување и стеснување на работниот појас, измена од 20 км до 24 км, со цел избегнување на сечење на дел од шумата, направен е проект за дополнителни мерки за ерозија, програма за рекултивација на која што веќе работи работната група, носење на закони за Водно, Матка и Гази Баба, за кои веќе се работи во надлежните институции, финансирање на неколку еколошки проекти, за кои има одлука на Влада и ред други технички барања и сугестии.