По објавувањето на информацијата, дека „Алфа телевизија“ ќе отпушта новинари, според која 13 вработени се вишок, а седум од тие ќе бидат новинари од дневната и културната редакција, „Фокус се обрати до менаџментот на телевизијата. Еве што одговор добивме од таму:
– Со оглед на интересот на повеќе медиуми за процесот на технолошкиот вишок во Алфа телевизија, а со цел сите да добијат една изворна информација, менаџментот на Алфа во понеделник ќе издаде официјално соопштение на својот веб сајт – информираа од таму.
Како што претходно објави „Фокус“, меѓу најслаборангираните новинари се Санта Аргирова, Искра Новаковска и Јасминка Аневска, додека во категоријата репортери меѓу најслаборангираните се Христијан Стојчевски и Љубиша Арсиќ. Се претпоставува дека токму некој од нив ќе замине од телевизијата. Новинарите велат дека од четирите критериуми во евалуацијата два биле многу субјективни, односно се оценувала успешноста во работата и придонесот на работната позиција.
Остатанатите што ќе се отпуштат се луѓе кои работат на технички позиции во телевизијата. Новинарите имаат право на жалба, а во рок од 60 дена телевизијата ќе одлучи кој ќе го напушти медиумот.