Бобан Милошески од Авалон Продукција, најави тужба против град Скопје, поради откажувањето на дочекот на Новата година на плоштад, каде што како главни музички ѕвезди беа најавени Каролина Гочева, Миле Кузмановски и Слаткар. Тој исто така вели дека ќе покрене петиција градоначалникот Коце Трајановски и вработените во град Скопје да ги донираат своите шест месечни плати на сиромашните.
„Ако град Скопје се откаже од дочек на Нова година (а тоа може да го направи затоа што оваа година не плаќа 100.000 € за некоја Северина и 50.000 за продукција од странство) и со тоа ги оштети македонските артисти и продукцијата од Македонија, Авалон Продукција ќе го тужи град Скопје и ќе бара во целост да бидат исплатени сите трошоци.
Исто, од хуманитарни причини, Авалон ќе покрене петиција градоначалникот Коце Трајановски и вработените во град Скопје своите 6 месечни плати да ги донираат на сиромашните.
Нова Година на пеачите во Македонија им значи живот исто како на секој што работи за плата. Пеачите за Нова година заработуваат за живот и нив тој термин им значи како на некој вработен шест плати. И до кога со патриотизам на штета на македонецот? Да беше некој Оливер Драгоевиќ како лани, ќе беше платен 100.000 € (и досега ќе беше и исплатен) ама бидејќи е Миле Кузманоски наш, немаме гајле и ќе глумиме сега хуманост. А мозок…тоа не постои. Затоа ќе има суд.“ – напиша денес на својот официјален Фејсбук профил Милошески.
Неговата реакција доаѓа откако град Скопје информираше дека се откажува од дочекот на Новата 2017 година што требаше да се одржи на плоштадот Македонија. Средствата коишто беа планирани за организирање на дочекот и се во изност од околу 2 милиона денари ќе бидат донирани во социјални цели. Одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе ја донесе Советот на Град Скопје.
Вики Клинчарова