Во случајот со прислушувањето е засегнато правото на приватност и на семеен живот, кои ко гарантираат меѓународните документи и нашиот правен систем како едно од фундаменталните човекови права и слободи, и затоа властите не смеат тоа да го ограничуваат, вели во интервју за Радио Слободна Европа народниот правобранител Иџет Мемети.
– Во исклучителни случаи може да се ограничи тоа право, односно може да се следи граѓанин, само низ стриктно пропишани правни процедури и тоа многу ригорозни, затоа што многу е битно кога, како, зошто ќе се собираат таквите податоци, а уште побитно е како таквите податоци ќе се чуваат, така што сè што се прави надвор од таа правна регулатива е грубо прекршување на човековите слободи и права. И во конкретниот случај, ако тоа прислушување не е направено на начин утврден со закон, што како што гледаме тоа е доста масовно, сметам дека претставува грубо прекршување на човековите слободи и права, особено на правото на приватност. Под голем знак прашалник се става тоа дали во Македонија веќе може да се зборува за правото на приватност и семеен живот, ако на ваков начин масовно се прислушувани граѓани – вели Мемети.