Мелничарите велат дека се шпекулации најавите дека белиот и полубелиот леб од септември ќе поскапат.
„Лебот нема да поскапи, непотребно се крева прашина во јавноста“, велат од мелничко пекарската индустрија.
Тие сметаат дека станува збор за шпекулација поттикната од растот на цените на другите основни производи. Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ објаснува дека цената на пченицата на светските берзи во моментов е стабилна, па не гледа причина лебот да добие повисока цена, во изјава за МИА.
„Овие цени се веќе константни во последниве три месеци и со индикативните берзански цени ќе останат на исто ниво, што ни дава за право да потврдиме дека цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не се зголемат цените на енергенсите или електричната енергија како минатата година. Во таков случај очекуваме Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се соочиме со истиот проблем како лани, што беше една голема причина за поскапувањата.“ изјави Малишиќ.
Најавите за поскапување на лебот, како шпекулации ги оценија вчера министрот за финансии Фатмир Бесими и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Николовски вчера рече дека за да се спречи поскапување на основните производи државна помош им е потребна на земјоделците и најави три нови мерки вредни 5 милиони евра, насочени за производителите на пченица, домати и краставици.
„Пазарот е стабилен и нема ниту една причина зошто мелничката индустрија би барала повисоки цени кога количините на жито ги набавиле по преполовена цена од лани. Стабилизиран е пазарот со електричната енергија.Треба да одговорат зошто некој би побарал повисока цена на грбот на граѓаните при намалени трошоци за производство“, изјави вчера Николовски.