За време на кампањата пред изборите што се одржуваат в недела во Мексико, убиени се 133 политичари, јавија западни медиуми повикувајќи се на податоци од Институтот за анализи „Етелект”.
Меѓу жртвите има 20 кандидати и 28 политичари кои планирале да бидат кандидати за општите избори закажани за 1 јули.
– Најмалку 71 отсто од нападите беа врз локални официјални претставници или кандидати за избори, нагласува директорот на Етелект, Рубен Саласар.
На претходните избори во 2012 година беа убиени девет политичари и еден кандидат.
Претседателските кандидати во Мексико ги одржаа последните собири пред почетокот на изборите, на кои фаворит е левичарот Андрес Мануел Лопес Обрадор.
Мексиканците покрај за претседател, гласаат и за пратеници и локални власти.
Тоа е предизборна кампања со најтешки последици досега во Мексико, земја во која минатата година беа регистрирани рекордни 25.339 убиства.