И ако нашите власти поттикнуваат и толерираат лоповлук, Америте и не се баш љубители на крадци, особено ако се работи за пари што се на нивните даночни обврзници
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Некој луциден сограѓанин зел од нет слика од мекиците на стража и ја фотошопирал во мекиците на Рашко по што сликата масовно се шеруваше на социјалните мрежи. Овој хумористичен пост најдобро ја отсликува состојбата со државата и мајтапот, кој доктор доктор Драги Рашковски си го игра со нас.
За тие што не виделе, екс генсекот на Владата по првото рочиште од судењето против него, кое се одложи, за медиумите изјави дека не постоела никаква разлика од имотот и средствата што ги имал кога бил поставен на функција, споредено со неговото заминување четири години подоцна. Единствената разлика да ти била само кај подароците на неговите деца, патем две и четири години, собрани од мекици, крштевки и родендени. И сè би било во ред, средствата да не беа во износ од стотици илјади евра.
БРИЛИЈАНТНА ОДБРАНА?!
Претпоставувам дека оваа одбрана Рашко ја смислил самиот како човек со два доктората, бидејќи толку талентиран адвокат НЕ ПОСТОИ! Брилијантна одбрана, која може да ја искористи и како предавање за, по сила на Закон за авторски и други сродни права, стане заштитена, бидејќи ваква дефанзива, со вакво образложение е незапаметена по судските кулоари. По брилијантноста што сија од двата доктората на Рашко зборам.
Шегата на страна, ваквиот однос само ја покажува дрскоста што македонските функционери и властодршци ја практикуваат. Рашковски отворено очекува да се качи на керамиди, да го извади фалусот и да не уринира, а ние да викаме ураа, врне! Премиерот од сенка, Заев би требало да го прашаме дали ја прифаќа оваа одбрана на Рашковски, кога така ревносно го бранеше.
ПОЗДРАВ ОД ЧИЧКО СЕМ
Еднаш веќе пишував – каков човек треба да бидете, „вината“ да ја префрлате на сопствените деца? Кој луд верува во неговата теорија, камоли искусен судија? Со ваквата изјава, тендеРашко си пукаше во колено, бидејќи кога е тоа веќе тезата на одбраната, тогаш за ослободителна пресуда судот ќе треба да го прифати тоа. Таков судија дури ни во Македонија НЕМА.
Но, привилегираниот однос што Рашковски го добива не застанува со овој предмет. Во јавноста беа пласирани информации дека тендеРашко си продал сам на себе, односно на Владата уште неколку свои изуми, но до прогон сè уште не дошло. Но, моите информации говорат дека сопката кај Рашко дошла по неговата дрскост да продава прашања од Академијата за судии и јавни обвинители, која патем ја има целосната поддршка од Амбасадата на САД во Македонија.
И ако нашите власти поттикнуваат и толерираат лоповлук, Америте и не се баш љубители на крадци, особено ако се работи за пари што се на нивните даночни обврзници. Затоа моето инфо е дека тука било запалено црвеното светло. Ќе се сетите дека Рашко беше уапсен непосредно по лиферувањето на оваа информација како поздрав од чичко Сем.