Доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом – Скопје објаснува зошто индиската варијанта на коронавирусот е многу пострашна и доведува до двојно поголема трансмисија, двојно поголема хоспитализација и двојно поголема смртност во однос на претходната алфа варијанта. Тој, исто така тврди дека последниот бран ќе биде подолготраен и македонските здравствени капацитети нема да успеат да го издржат, па апелира до сите граѓани масовно да се вакцинираат.
ФОКУС Докторе, веќе одреден период во јавноста се води битка околу тоа кои имаат подобар имунитет, вакцинираните или прележаните пациенти од Ковид 19. Кој е вашиот став околу ова прашања?
МЕХМЕДОВИЌ Општо прифатено „правило” во медицината е дека прележувањето на болеста ви дава поефикасен и подолготраен имунитет-што е погрешно. Во одредени случаи прележувањето дава подобар имунитет, а во други докажани инфекции, вакцините се тие кои даваат подобар имун одговор. И тоа треба да го појасниме. Една од причините зошто природниот имунитет е толку моќен е затоа што луѓето обично не развиваат болест како одговор на контакт со патогените, освен ако не се изложени на голема количина вирус или бактерии. Имунолошкиот систем дава силен одговор на оваа висока „доза“, а силниот одговор се манифестира со бројни непријатни симптоми што ги чувствувате кога сте болни, во одреден број на случаи е неопходна хоспитализација. Најголемиот дел од прележаните на ковид имаа асимптоматска или лесна форма на болеста. Сепак оние кои што имаа силно манифестиран одговор кон инфекцијата најверојатно создале квалитетен имунунитет на САРС-Ков-2.
ФОКУС Како вакцините му помагаат на организмот?
МЕХМЕДОВИЌ Вакцините го стимулираат телото да произведува антитела и клетки неопходни за борба против специфични инфекции. Голем број на бактерии и вируси, како што е хуманиот папиломавирус (ХПВ), се развиваат и го избегнуваат одговорот од страна на имунолошкиот систем. Во ваквите случаи, имунитетот стекнат со вакцина е посилен од природниот имунитет. Вакцините за HPV, тетанус, Haemophilus influenzae тип b (Hib) и пневмокок предизвикуваат подобар имунолошки одговор од природна инфекција. Центарот за контрола и превенција на болести CDC на 06.08.2021год. објави студија работена во период од 60 дена (01.05.2021-30.06.2021) со која се компарира ефикасноста на вакцините против КоВид-19 наспроти имунитетот добиен од претходна инфекција со САРС-КоВ-2. Истражувањето открива дека меѓу стотиците жители на Кентаки, оние кои биле невакцинирани а прележале ковид имале 2,34 пати поголем ризик од реинфекција во споредба со оние кои биле целосно вакцинирани. CDC вели дека истражувањето сугерира дека кај луѓето кои претходно имале ковид, целосно вакцинирање(2 дози) обезбедува дополнителна заштита од реинфекција. До денес јас немам сретнато друга релевантна студија која на ваков начин, низ споредба на бројки на новозаразени (а не титар на антитела) го анализира ризикот од реинфекција/пробивање на имунитетот.
ФОКУС Според вас, до кога ќе трае овој четврти бран?
МЕХМЕДОВИЌ Мојата проценка е дека овој бран ќе биде поинаков од останатите, односно дека ќе биде подолготраен. Зголемувањето на бројките започна многу рано, кон средината на летото. Ни следи период кога температурите ќе опаѓаат, луѓето се повеќе време ќе поминуваат во затворен простор што дополнително ќе ја олесни трансмисијата на вирусот. Два клучни елементи од кои зависи дали ова предвидување ќе стане реалност се вакцинацијата и превентивните мерки. Зголемувањето на процентот на вакцинирани и ефикасноста на превентивните мерки можат значително да го скратат времетраењето на овој 4ти бран.
ФОКУС Имаме ли доволно капацитети да се справиме со зголемениот број на новозаразени?
МЕХМЕДОВИЌ Загрижувачки се анализите од земјите кои веќе имале искуство со делта варијантата. Двојно поголема трансмисија, двојно поголема хоспитализација, двојно поголема смртност во однос на претходната алфа варијанта. Според последните студии потреба од кислород е двојно зголемена, а потребата за интензивно лекување е четирипати поголема. Минатиот бран речиси до максимум ги искористи сите човечки ресурси на системот и мое мислење е дека доколку се реализираат стравувањата за долготраен силен бран дека нема да можеме ефикасно да одговориме на реалните потреби за квалитетна здравствена грижа. Затоа апелирам да се подигне свесноста за важноста на вакцинацијата и граѓаните да се вакцинираат, вакцините се безбедни и ни нудат повеќекратна заштита од тешка болест и смртен исход од ковид.
ФОКУС Дали мислите дека тоа што им забранија на невакцинираните да влегуваат во кафани, молови е само начин на здравствените власти да ги натераат да се вакцинираат?
МЕХМЕДОВИЌ Јасна е намерата на здравствените власти да се стимулира процесот на вакцинација. И тоа јасно се гледа низ мерката за влез во затворени објекти на оние што прележале ковид пред повеќе од 45 дена. Реков дека оние кои имале симптоматски манифестиран облик на болеста, и имаат потврда за добар имун одговор со РБД антитела со висок титар, нивниот имунитет е приближно добар како имунитетот на вакцинираните со 2 дози. Загрижувачка е одлуката за дозвола на оние кои примиле една доза на вакцина(пред се оние кои не биле никогаш инфицирани) да можат уште првиот ден да можат да влезат во затворен простор. И ова според мене е мерка што треба да ја стимулира вакцинацијата. Но апелирам до граѓаните да не се изложуваат на ризик, додека не поминат најмалку 14 дена по примање по втората доза од вакцината и да се воздржат од посетување кафеани, ресторани и молови. Делта варијантата е многу полесно пренослива во затворени простории, а една доза на вакцина има ефикасност од 30%(по период од најмалку 2 недели), значително помалку во однос на ефикасноста од 83%по 14 дена од 2 примени дози.
Ирена МУЛАЧКА