Меѓународен ден на младите – честитки од премиерот и од министерката за култура

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски со честитка по повод Меѓународниот ден на младите.

„Младите се носители на прогресот во секое општество, предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи за чие остварување треба да сме им поддршка.

Затоа како Влада се фокусираме на
креирање конкретни мерки кои ќе ги зголемат можностите за вработување на младите.

Од 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во „Гаранцијата за млади“.

Речиси 40% од учесниците во „Гаранција за млади“ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство.

За оние до 23 години кои работат во производство воведовме дополнителен, младински додаток на плата од 3.000 денари, а студирањето го олеснуваме со субвенционирање на студентскиот оброк.

Но како Влада сме одговорни и да им овозможиме на младите иднина и многу повеќе можности кои ќе ги реализираат во земјава, наместо надвор од неа.

Затоа се бориме да го отвориме целосно патот кон Европската Унија, кој чекорејќи го заедно со младите ќе го подобрува нивниот живот тука.

Затоа сега е моментот да им докажеме дека мислиме на нив и дека нема да ги закочиме нивните можности и придобивки кои ЕУ ги обезбедува и без да се селат надвор од татковината.

Ги охрабрувам младите – бидете гласни, нека се слуша вашиот глас, заслужувате иднина за која ние како генерација пред вас ќе се бориме со храбри и државнички одлуки“ се вели меѓудругото во честитката на премиерот.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека „на Меѓународниот ден на младите, уште еднаш потврдуваме дека тие се двигатели на движењето напред, идните лидери и предводници на успесите на нашата држава“.

„Младите ја имаат страста и храброста да зборуваат гласно и одлучно за промените кои оваа генерација политичари мораме да ги заокружиме со единствена цел – подобар, поквалитетен и европски живот, тука во нашиот македонски дом.

Таа енергија, авангарда, па дури и непослушност, е суштината на нивниот идентитет и код на нивната креативност.
И токму затоа заслужуваат да им го обезбедиме сиот потребен простор за да се изразат.

Во природата на младинскиот дух е освојување и пополнување на јавниот културен простор.

Затоа, се обврзувам пред младите дека Министерството за култура ќе продолжи да ослободува и оспособува јавни простори за нивните „субверзивни“ креативи како најдобар начин да го слушнеме, разбереме и уважиме младинскиот глас за подобра иднина.

Еден од хоризонтите на таа иднина е Европската Унија и ние со ништо не смееме да им ја попречиме оваа јасна цел на младите. Секој политичар, сите на кои им важи зборот во општеството, сите имаме обврска да им ги отвориме перспективите на младите и да ја внесеме #МКвоЕУ затоа што тоа е нивното природно место, меѓу своите европски врсници“ порача министерката.

Поврзани новости