Меѓу Денко Малески и Никола Димитров

by Fokus

Во едно македонско општество, кое сѐ уште не може да се ослободи од синдромот на „жртва“ на големите интереси на Балканот, тешко е да се согледа кој од овие двајца угледни министри за надворешни работи е во право

Ѓорѓи СПАСОВ

Имаме две спротиставени гледишта во однос на тоа што да се прави по укинувањето на ветото од страна на Бугарија за почнување разговори за членство на Македонија во ЕУ.

И двајцата беа министри за надворешни работи и дипломати. Првиот во тежок период за земјава, кога по референцата ФИРОМ станавме членка на ОН. Вториот помогна во склучување на договорот во Преспа по што станавме членка на НАТО.

Нема причина да не се верува во нивните аргументи и во нивната искрена желба за Македонија да успее. Но, нивните аргументи се спротивставени и водат до различна одлука.

Во едно македонско општество, кое по природа е исплашено од својата историска судбина и сѐ уште не може да се ослободи од синдромот на „жртва“ на големите интереси на Балканот, тешко е да се согледа кој од овие двајца угледни министри за надворешни работи е во право.

И затоа можеби владата треба да одлучува во врска со ова прашање, во многу кус рок, по принципот на помала штета.

1. Бугарија не може да нѐ бугаризира.
Веќе сум кажал неколкупати. Бугарија не може да нѐ бугаризира, ниту да ја смени нашата свест и колективна меморија, како и да ја толкува.

Тоа не им успеало за време на окупацијата во време на Втората светска војна, а не, па сега кога сме независна држава и членка на НАТО.

Тоа е за нив изгубена битка одамна. Нека не нѐ плаши никој со тоа дека сами ќе се „побугарчиме“. Тоа нема и не може да се случи, кој било и каде било што и да напише или изјави.

2. На светот јасно му ги соопштивме нашите црвени линии. Македонскиот јазик, независно од тоа што мисли и изјавува Бугарија, ќе биде јазик на ЕУ. И историјата не може никој со сила да ни ја менува, ниту да бара од нас да прифаќаме туѓи будалштини.

3. Не треба да си дозволиме стравот од блокирање од страна на Бугарија да нѐ блокира и да не почнеме разговори за членство. Односно, подобро пак да нѐ блокира отколку да не почнуваме разговори поради страв од блокирање.

4. Имаме гаранции за нашата позиција од САД. Тие нѐ поддржуваат и ја нудат својата помош за олеснување на процесот на нашето приклучување кон ЕУ, за кое сметаат дека е од голема важност за безбедноста на регионот и ЕУ.

5.Времето може да биде на наша страна. Треба да веруваме во позитивните промени во Бугарија, во ЕУ и во светот. Треба да им дадеме шанса.

Еден осуденик на смрт од султанот барал да му ја одложат смртната казна за шест месеци и гарантирал дека ќе го научи коњот на султанот да зборува. Кога го прашале дали се плаши од таква лага, тој рекол: „За шест месеци можеби султанот ќе го сменат. Може тој ќе го смени мислењето и ќе ме помилува. А може и коњот ќе прозбори“.

6. Во секое време и во секоја етапа од разговорите за членство и ние имаме право да не прифатиме продолжување.
Оттука, реално ништо не губиме.

7. Барањата од проруски партии, како Левица, па и од ВМРО-ДПМНЕ, за неотпочнување разговори за членство се најдобар доказ за отпочнување токму сега.

8. Демократската дебата за исправноста или неисправноста на овој чин треба да продолжи. Но, тоа не смее да нѐ блокира, ниту да нѐ испокара внатре.
Нашиот демократски капацитет и политичката култура се уште еден доказ за тоа дека заслужуваме членство во ЕУ.

9. На Македонија ѝ се потребни и Денко Малески и Никола Димитров со нивните отрезнувачки аргументи. Нема тука „хибридни закани“.

Поврзани новости