Од првата детска амбасада „Меѓаши“ испратија реакција до сите политички партии за злоупотреба на деца во политички цели, нивно присуство на партиските митинзи, делење флаери и носење партиски обележја. Од таму ги повикуваат партиите и родителите да ги заштитат интересите на децата и да ги почитуваат законите и конвенцијата за детските права.
„По повод бројните обраќања и жалби од граѓани/ки за политичка злоупотреба на децата пред локалните избори од скоро сите политички партии, Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно ги повикува политичките партии да ги поштедат децата од било какво инволвирање во политичките кампањи и политички маркетинг, без разлика дали се работи за носење деца на митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца… за да се добијат повеќе гласови. Тоа не смее да си го дозволи ниту еден политичар или кандидат/ка за изборите“, велат од Меѓаши.
Од таму додаваат дека политичка злоупотреба на децата подразбира политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок.
„Како рамноправни граѓани на оваа држава децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата, затоа што ова прашање нив директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните, бидејќи иднината на земјава останува на нив. Но, носењето и учеството на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели. Не дозволувајте децата да бидат предмет на манипулација. Покрај тоа, носењето деца на партски митинзи може да биде трауматично искуство за нив, особено поради вообичаениот фолклор: собирање во толпа, викотници, присуство на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш, говор на омраза, навреди, омаловажување, поттикнување нетрпеливост“, посочуваат од детската амбасада.
Од таму потсетуваат дека со Законот за заштита на децата член 12 став (4) се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Во истата се вели: Се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје.