Загрижени родители поднеле предлог до „Меѓаши“ за поставување безбедносни камери, особено револтирани по случајот во гевгелиската градинка.
„Денеска упативме до Министерството за труд и социјална политика писмо врз основа на иницијатива на граѓаните да ни дадат инфомрации дали размислуваат за воведување на една ваква алатка каде што родителите веќе пројавуваат одредена загриженост и недоверба во однос на институциите каде што децата им се доверени на чување, воспитување и згрижување“, вели Драги Змијанац, Директор на прва детска амбасада „Меѓаши“.
Оттаму сметаат дека кога се вработуваат воспитувачи и негуватели треба да се воведат и построги критериуми, бидејќи се работи за професија со исклучителна одговорност.
До Министерството за труд и социјална политика, во последниве 3 години пристигнале 11 поплаки за воспитувачи од државните градинки, во кои родителите се пожалиле на несоодветен однос кон децата.