Милионски аудиториум со интересирање денес ја следеше кралската венчавка на принцот Хари и неговата избраничка, актерката Меган Маркл. И ако многумина очекуваа гламур и раскош, Меган му покажа не светот дека доволна е само елеганцијата и сигурноста во себе, за да се зрачи со неверојатна харизма и убавина.
Наместо во очекуваната раскошна венчаница со чипки, тул, скапоцени камења и слични додатоци, таа се појави во бела свилена венчаница со едноставен крој на модната дизјанерка и женски уметнички директор во Живанши, Клеј Вајт Келер.
Модерната венчаница со ракави со должина од три четвртини, без никакви светкави додатоци, со отворено деколте во линијата на рамената и префинетиот и модерен крој, ја остави јавноста без здив.
Едноставен бел вел, долг пет метри, со 53 цветови, кои ја отсликуваат специфичната флора на секоја земја од Комонвелтот, соединети во прекрасен цветен состав, дијамантски обетки и нараквица од брендот Картие, како и тијарата изработена од платина и дијаманти, која кралицата и ја позајмила на Меган, беа единствените додатоци, кои го дополнија нејзиниот уникатен изглед.
Невестинските чевли, исто така беа на модниот бренд Живанши, изработени од свила.
Својата оригиналност и сигурност во себе, Маркл ги покажа и со едноставната шминка. Вештачки трепки, маскара, блага сенка во сивкаста боја и мек кармин, со кој нејзините усни изгледаа сосема природно. Наместо тешка професионална пудра, која речиси цела женска популација ја користи пред камери, таа избрала лесна пудра, која не ги криеше нејзините пеги, ниту пак неправилности на кожата, што и даде дополнителен шарм и ја истакна нејзината природна убавина и свеж изглед.
Бујната коса и беше собрана во лабава пунџа под велот, а неколку прамени слободно и паѓа околу лицето. Наместо познати и скапи фризери, таа ја средила косата со помош на две свои пријателки. Стегнатата коса во стилот – секое влакно на свое место и неколку слоеви на лак за коса, во случајот на Меган изостанаа, и со природниот изглед на овој значаен ден за неа, таа испрати моќна порака до понежниот пол – бидете тоа што сте, бидејќи вистинската убавина на жената доаѓа од внатре.
Светски познатите модни критичари се воодушевени од природниот изглед на Маркл и од начинот на кој таа го остави својот печат на целата креација. Тие веќе прогнозираат дека во наредниот период, многу невести ќе сакаат да изгледаат како неа на денот на својата венчавка, природно, елегантно и без нападни детали и неколкуслојна шминка.
Вики Клинчарова