Актуелиниот Закон за употреба на канабисот потикнува продажба на црниот пазар

by fokus

Законот за употреба на канабисот, ваков како што е во моментов, не помага во подобрувањето на квалитетот на неговата употреба, туку само придонесува за зголемување на продажбата на црниот пазар, смета Филип Достовски, од здружението „Зелена алтернатива“, објави ТВ21.

Како што вели тој, со актуелниот закон се добива впечаток дека единственото добро решение за да се стигне до квалитетен канабис е црниот пазар.

Говорејќи во улога на пациент, кој канабисот го користел како терапија, Дестовски вели дека канабисот воопшто не е штетен.

Но, лекарот и експертот од Канада кој третира бројни болести со екстракт од канабис, Јонас Вандерсван, вели дека неговата земја е на прагот на легализирање на канабисот за рекреативна употреба. Сепак, додава дека овој процес траел долги 17 години. Според него легализирањето на канабисот може да има и негативни ефекти, за кои општеството треба да биде подготвено.

„Треба да бидеме внимателни. Потребно е да имаме и соодветно познавање. Треба да се трудиме канабисот да го држиме подалеку од младите и сметам дека треба да отпочне процесот за отстранување на неколку прашања поврзани со јавното здравје, како што е возење под дејство на канабис“, вели Вандерсван.

Инаку, Законот за употреба на канабисот за медицински цели во Македонија беше донесен во 2016 година.

Поврзани новости