Лондон всушност води необјавена војна против Москва, што значи дека секој британски функционер може да се гледа како легитимна воена цел, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.
„Велика Британија денес делува како сојузник на Украина, обезбедувајќи и опрема и персонал како воена помош, што значи дека де факто води необјавена војна против Русија. Затоа, секој од функционерите на Велика Британија, воени и цивилни, кои придонесуваат за воените напори, може да се гледа како легитимна воена цел“, напиша Медведев на Твитер, коментирајќи ја изјавата на британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Британски дипломат вчера ги оправда нападите со беспилотни летала врз Москва, велејќи дека Украина има право да напаѓа цели на руска територија во самоодбрана.
„Глупавите функционери во Велика Британија, нашиот вечен непријател, треба да запомнат дека според универзално признатото меѓународно право, кое го регулира водењето војна во современи услови, вклучувајќи ги Хашките и Женевските конвенции со нивните дополнителни протоколи, нивната ситуација може да се оквалификува и како војна“, предупреди Медведев.