Заврши уште еден културен настан во Скопје кој помина со слабо медиумско внимание и овојпат – Саем на книга.
И покрај тоа што дел од издавачите се потрудија да донесат странски автори, истите поминаа незабележително кај медиумските куќи од земјава.
„Искрено сум разочаран од медиумите. За тројца писатели што ги имавме покането, моравме да ги „бркаме“ медиумите да покријат некоја приказна, дека доаѓаат автори од Ирска, Турција и Чешка. Апсурдно е. Имавме телевизија која правеше прилог за Саемот на книга и им предложив кратко интервју со писателка. Ми рекоа дека требало да добијат дозвола од уредникот, дали можело или не. Немаат интерес, освен ако не истуркаш нешто со сила. Се се врти околу политика, за жал“, разочарано вели Филип Баткоски од „Бата прес“.
Носењето на автор од странство во Македонија повлекува сериозен ангажман, кој чини многу.
„За да се донесе автор од некоја земја, потребни се многу напори. Треба да прифати тој, па да му се плати хонорар, да му се објасни каде е Македонија, хотел, авион. Тоа многу чини. Целта на Саемот е да не се дадат само попусти, туку да донесеме и автори, да има настани. Ме демотивира таквата ситуација со медиумите и за наредната година ќе размислам дали да поканам некој странски автор“, додаде тој.
Јорданчо Цветаноски