Претставници на тетовското Обвинителство и Федералната криминалистичка полиција од Германија денеска во Клиничката болница во Тетово за прв пат заедно беа да го видат местото каде изгоре монтажниот објект за ковид пациенти при што загинаа 14 луѓе на 8 септември. Од тетовското Обвинителство не дадоа подетални информации за посетата, а најавија дека во следна прилика ќе има податоци од службата за односни со јавноста при Јавното Обвинителство на Репубика Северна Македонија.
И од тетовската болница немаа информации што точно се прави денеска. Лекарите и медицинските техничари кои биле ноќта во модуларната болница веќе дали искази во Обвинителството.
-За тие информации немам податоци, тоа ги прочитав и јас сега дека наводно стигнале. Не знам како оди процедурата, за тоа ќе ве извести управата. Јавниот обвинител побара информации од сите тие вработени кои биле таму во моментот на трагедијата. Тие биле повикани таа ноќ, биле неколку часа, биле и утредента и дале таму изјави, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во тетовскиот Ковид центар.
По оставките на двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми се уште нема информации за нови раководители.
-Немам такви информации, ќе видиме од управа како е законски и како ќе се реши. Во овие денови ќе видиме како ќе функционира. Болницата не може да остане без потписници бидејќи има технички работи, лекарства, плати итн за два три дена ќе ве обавестиме. Немам правни информации не знам како тоа е решено, рече Нуредини.
За тоа како се најде снимка од надзорната камера на социјалните мрежи д-р Нуредини рече дека нема информација.
Дванаесетте пациенти кои го преживеаа пожарот биле прегледани од психијатри.
-Тие се пациенти кои биле трауматизирани од психолошка природа и биле прегледани од психијатар и биле констатирано дека се работи за стрес ситуација која тие ја преживеаа. И сите се во релативно добра состојба, сите се на кислородна поддршка. Очекуваме идните денови да бидат подобро и да бидат пуштени дома, рече лекарот.
За 24 часа нема починати од Ковид-19, додека има нови пет луѓе кои се примени на болничко лекување како и 75 амбулантски прегледи.