Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ утре во 10 часот избира нов декан, откако досегашниот прв човек абдоменалниот хирург Никола Јанкуловски пред неколку месеци стана нов ректор.
Според нашите информации, во игра се четворица кандидати, а имало и такви кои планирале да се кандидираат за деканското столче, но во последен момент се откажале. Меѓу кандидатите се професор Соња Топузовска, од Институтот за биохемија, која осум години беше во тимот на Јанкуловски како продекан, потоа доктор Гоце Спасовски од скопската Клиника за нефрологија. Исто така, на деканското столче на Медицински факултет сака да седне и доктор Антони Новотни, директор на Клиниката за психијатрија, како и педијатарот Зоран Бучев. Во последен момент се откажала директорката на Клиниката за радиологија, Надица Митреска.
Сите кандидати конкурираат со потенцијални продекани и промовираат своја програма врз основа на која би ги добиле гласовите на Наставничкиот совет. За избор на декан гласаат 86 професори и осум студенти. Ако во битката за декан, останат двајца кандидати, тогаш ректорот го има ексклузивното право и избира еден од нив.
Во лекарските кругови се шпекулира за лобирања и притисоци за одредени кандидати, со што се очекува целиот избор да заврши во еден круг, што значи целата процедура би требала да заврши во текот на утрешниот ден. Во моментов сите се растрчани да соберат повеќе поени кај Наставничкиот совет. Според нашите извори најмногу шанси има доктор Топузовска од Биохемија. Таа пред неколку месеци јавно реагираше против протестот на студентите по медицина во април кои го кренаа својот глас против последните измени во Законот за медицински студии, според кој отсега студентите ќе треба да полагаат испит по завршување на втората година од студиите, покрај редовните сесии и практичната работа.
Во тој период, продеканката Топузовска, тврдеше дека факултетот и покрај волјата на професорите и деканатот, не може да им излезе во пресрет на студентите и по донесувањето на Законот за медицински студии во 2013 година, студиската програма морала да се усогласи со одредбите.
-Се работи за Законот за медиински студии кој беше донесен во јануари 2013 година. На овој закон му претходеше јавна расправа на која медицинскиот факултет ги изнесе сите свои забелешки, посебно предвидувајќи го проблемот со временскиот теснец во кој студентите ќе се најдат до крајот на втора година. Ова значи дека најголемиот дел од нив ќе мораат да чекаат една година за повторно да го полагаат стручниот испит – објаснуваше Топузовска.
„Фокус“ го контактираше и досегашниот декан, а сегашен ректор Јанкуловски кој ни потврди дека изборот на нов декан ќе се изврши утре. На нашето прашање дали има свој фаворит од предложените кандидати, Јанкуловски тврди дека не лобира за никој, но нормално е да има.
– Не трчам и не лобирам за никој, ама во мојот тим осум години беше Соња Топузовска, со која сме имале добра соработка – тврди Јанкуловски.