„Медија принт Македонија“ најави намалување на платите на новинарите

by Фокус

Менаџментот на „Медија принт Македонија“, кој ги издава весниците „Вест“, „Утрински“„Дневник“, „Теа модерна“ и „Македонски спорт“ донесе одлука за скалесто намалување на платите на вработените што стартува од први септември поради како што тврдат влошената економска состојба во државава. Според информациите станува збор за времено скалесто намалување на платите во период од шест месеци, информираат од Самостојниот синдикат на Македонија.

-Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека одлуката ќе има негативен ефект врз квалитетот и слободата на изразување, дека кај колегите ќе делува демотивирачки, а ќе ја зголеми и нивната социјално-економска ранливост.
Воедно информираме дека ССНМ во текот на носењето на одлуките од страна на менаџментот на компанијата беше игнориран и само формално беше информиран за веќе донесените решенија. Информираме и дека досега ССНМ заедно со синдикалните организации во МПМ понудија решенија за надминување на финансиската криза на која посочува раководството на компанијата но тие беа целосно игнорирани, се вели во соопштението на ССНМ.

Новинарите, пак, коментираат дека не им е јасно како може влошената економска состојба во државата да биде причина за намалувањето на нивните плати, кога во своите новинарски написи постојано пишуваат дека Македонија има една од најдобрите растечки економии.

Поврзани новости