ДУИ тајно одржала состанок на Централното претседателство на кој, од 33 члена, учествувале седум члена на Централното претседателство и два члена на Генералниот совет. На состанокот не биле поканети членовите на фракцијата на ДУИ, кои се дел од т.н. огнена група, а се дискутирало за нивно бркање од партијата.
Ова во интервју за весникот „Лајм“ го открива поранешниот градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити.
„На средбата дебатирале и размислувале што ќе прават со `огнената група`, дали ќе не избркаат. Претседателот барал мислење од присутните, а за волја на вистината, мал број се спротивставиле на оваа идеја поради нашата тежина на теренот, заради гласовите, заради анкетите, но казино лобито предводено од г. Груби, кој за жал, по се изгледа станал и повлијателен од г. Ахмети и ја води ДУИ кон анархија, биле децидни да не избркаат, и добро е што не е време на монизмот, па да можат и да не стрелаат“ – вели Меџити.
Тој нагласува дека сите кадри кои го поддржувале различното мислење и се дел од фракцијата, биле разрешени и политички диференцирани.
„Ако мислеа дека со смената од извршните функции ќе не ослабат, напротив, само ги бетонираа нашите ставови. Оние функционери кои се разрешени од ДУИ и кои служеле со години и кои придонеле за победите на ДУИ, ова разрешување од ДУИ без никаква причина само ги бетонира во нивните ставови, додека овие акробации секако ќе ја чинат ДУИ многу скапо“ – посочува Меџити.