287
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, во рамки на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, дека предизвиците како пандемии не познаваат граници, и затоа потребна е солидарност меѓу земјите и колективен одговор, како во размена на искуства и експертизи, така и во размена на информации и спречување на дезинформации.
-Гледајќи напред, ние се обврзуваме на натамошно градење на отпорност на здравствениот систем. Северна Македонија е отворена за меѓународна соработка и партнерство за постигнување на овие цели. Само со заеднички одговор во време на пандемии и здравствени кризи може да ги заштитиме нашите граѓани, да го зајакнеме нашиот здравствен систем и подобро да се подготвиме за идни предизвици, изјави Меџити.
Тој ова го изјави во своето обраќање на седницата на тема: Превенција на пандемии, подготвеност и одговор на истите.
Министерот зборуваше за товарот што здравствениот систем во Северна Македонија го носеше во борба со Ковид-19. Тој се осврна и на заложбата за инвестиции во критичните недостатоци во однос на подготвеност за пандемии и градење отпорен здравствен систем. Тој потенцираше дека од клучна важност е модернизирање на здравствените системи како и современа и навремена испорака на услуги за ефикасна и ефективна грижа за пациентите, потенцирајќи дека овие долготрајни предизвици во земјите од регионот треба што побрзо да се надминат, соопти Министерството за здравство.
-Ковид-19 пандемијата го истакна значењето на здравите и силни здравствени системи, беспрекорната координација и ефективни механизми за одговор. Северна Македонија не беше изземена од нејзините разорни влијанија. Нашата здравствена инфраструктура е под тежок притисок, а ранливите заедници понесоа непропорционален товар. Нашиот одговор мора да биде брз, со еднаков пристап кон сите и напреден. Еднаквиот пристап е во срцето на нашата стратегија. Ја зајакнуваме јавната здравствена инфраструктура, ги подобруваме системите за надзор и даваме приоритет на недоволно опслужените заедници, изјави Меџити на седницата од висок ранг во ОН.