На вчерашната седница на Собранието гласав воздржано за предлог-законот за преземање на административни службеници преку К-5 Програмата поради основани дилеми по неколку точки од законот, вели координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, откако објавивме дека тој бил единствениот пратеник од владејачката ДУИ кој не го поддржа законот предложен од Владата и застапуван од Министерството за политички систем на чело со неговиот сопартиец Артан Груби.
Во изјава за Фокус, Меџити објаснува дека стравува оти преку 1.300 млади Албанци и Албанки вработени во јавниот сектор преку новиот закон ќе останат без работа.
-Моделот „земи или остави“ остава простор да се понуди на тие лица работа која не е соодветна на нивното школување или амбиции за развој, или пак првични планови кога истите тие се вработени пред 10 години. Мора да се има предвид дека овие 1.300 луѓе не се паразити како што има тенденција да се прикажат, туку тие се луѓе кои се реално оштетени. На нив не им е дадена реална шанса да работат и да се покажат. Меѓу нив има многу млади лица кои студирале, завршиле факултети и имале амбиции да напредуваат во кариера, но тие стагнирале на едно место. Доколку тие би работеле, сега со стажот и искуството ќе беа на раководни позиции по институциите. Замислете сега, после 10 години „стаж„ да му понудите работно место како референт во некоја клиника, а тој е правник и има потпишано претходна спогодба дека ќе работи во УЈП – вели Меџити.
Според него, на ваквиот пристап за преземање на „рамковните“ административци му фали транспарентност за местата каде ќе бидат овие луѓе ќе бидат трансферирани. Воедно, тој прашува зошто ваква анализа не се презентира?
-Зашто да не добијат шанса и тие после 10 години да се покажат низ институциите кои традиционално се затворени за Албанците, или застапеноста е многу ниска. Да речеме Централен Регистар, разни инспекторати, Министерства. И на крај, овој Закон не го решава трајно проблемот. Преку овој закон, само ќе се префрли проблемот од Министерството за политички систем кон Министерството за информатичко општество, бидејки сите нераспределени лица, со автоматизам ќе се префрлат во некаква „трансфер листа„ и не е јасно што ке се случи потоа со нив, што е повторно залажување на вработените и целата јавност – смета пратеникот и поранешен градоначалник на Чаир.
Инаку, Меџити се противеше на именувањето на сопартијците Груби и Бујар Османи за членови на Владата, а во меѓувреме неофицијалните информации укажуваа дека планира да поднесе предлог за интерпелација за двајцата сопартијци. Притоа, тој најави дека својот став во однос на тоа ќе го изнесе откако после 100 дена од формирањето на Владата, кои веќе изминаа.
В.С.