Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека тој и неговиот тим работат да се надмине проблемот што го имаат граѓаните да се закаже термин кај специјалист и со дијагостичките процедури, па граѓаните се принудени да плаќаат во приватно здравство.
„Пред три недели ги пуштивме сите екипи, сите конторлори и инспекции се на терен. Имаме подобрување во тој контекст. Понатаму ќе излеземе со точни резултати колку е подобрувањето. Знаеме дека има проблем. Потребна е целосна реорганизација на здравствениот систем во нашата држава. Треба систематизација на здравството, ние работиме напорно, презедовме мерки и ќе имаме точни резултати за неколку недели, дека имаме подобрување и ќе продолжиме да работиме“ рече Меџити.
Тој рече дека во клиничкиот центар имаме доволно кадар и дека прво треба да ја средат примарната здравствена заштита.
„Тука треба да направиме голем пресек, ова не се прави за ден два, ќе треба повеќе време, можеби и години, но ние треба да почнеме да работиме. Имам моја предлог визија. Работиме на тоа да има и група формирана на дигитализација на радиологија низ цела држава, односно централизација на радиологијата. Тоа значи дека ако во еден град ако има доктор што дневно чита еден ренген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така. Онлајн ќе бидат вклучени сите, ќе има ограничен број колку дневно да чита еден лекар за да си ја изработи платата, над тој број и дома нашите радиолози почитувани ако сакаат за повеќе финансиски примања ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго“, изјави Меџити.