Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати порака за коалицирање до албанските опозициски партии, а Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ денеска рече дека сега се фокусирани на претседателската кампања за која вели дека немаат соработка со ниту една друга партија, додека пак за парламентарните избори, рече дека ќе бидат фокусирани во албанскиот политички камп.
Меџити вели дека по изборите ќе седнат да разговараат со македонските партии за евентуални коалиции.
„Ние сме фокусирани во албанскиот политичкиот камп, на нашата програма, на нашите решенија, на нашите идеи. Да им презентираме на граѓаните дека власта ги заборавила сите програмски точки, дека има само два отсто реализација од програмата за 2020 година. Кога ќе завршат изборите, убедени сме дека ќе бидеме апсолутен победник во албанскиот политички табор и како победник тогаш ќе седнеме со македонските партии прво да разговараме за програмата на идната влада, што ќе биде приоритет на владата, и ако има заеднички јазик тогаш ќе има транспарентен процес за формирање на новата влада. За точките по кои се разликуваме, за нашите приоритети како што се евроинтеграциите и промената на Уставот, во таа фаза ќе има разговори со македонските партии, засега сме во албанскиот табор со албанскиот електорат“ – рече Меџити.
Мицкоски, пред два дена упати порака за коалиција со опозициските партии на Албанците, но досега рече дека не добил одговор.