Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска ја посети Универзитетска Kлиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Министерството за здравство за потребите на пациентите и Клиниката набави хируршки столб Торакоскоп, со што се овозможи систем од најновата генерација од американскиот производител Arthrex, да се користи на оваа клиника.
Овој апарат е наменет за изведување минимално инвазивни ендоскопски торакално-васкуларни процедури во делот на белодробие, како стандардни, така и специфични.
Системот овозможува многу подобра визуелизација на крвните садови во однос на конвенционално бело светло, со што се олеснува и забрзува хируршката интервенција.
Со технологијата која ја има апаратот се овозможува одлична визуелизација на проток на крвта пред, за време и по хируршката процедура, како и полесна идентификација на граници на одредени ткива, со што се овозможуваат попрецизни и побрзи хируршки процедури, информираат од МЗ.
Со овој современ апарат се овозможува проверка на васкуларни анастомози и перфузија, детекција на лимфни чворови.
Системот има автоматско внесување податоци, како и поврзување со корисници надвор од операциона сала преку интернет или компјутерска мрежа.
Хируршкиот столб е купен од Министерството за здравство, за потребите на Клиника за торакална хирургија и е инвестиција од 11,1 милион денари.