Изет Меџити е избран за претседател на новата партија Демократското движење, чие основачкото собрание се одржа денес. Од партијата соопштија дека тој е едногласно избран за претседател. Меџити во обраќањето рече дека не се движеле од лична инерција, туку од определба да ги придвижат работите напред, за општо добро преку личен придонес
„Во мое име и со Ваше одобрение, би сакал да ја понудам нашата заедничка вистина. Не не донесе инаетот овде, туку свеста. Не нè донесе алчноста, туку нè инспирираше волјата. Не се соединивме за да бидеме против, туку за да бидеме водачи. Не се собравме поради гнев, туку поради ентузијазам“, изјави Меџити.
Меџити се осврна на стремежите на Албанците во осумдесеттите години години во СФРЈ и во деведесеттите години во независна Македонија, но рече дека денес зачленување во ЕУ подразбира самоконтрола, самодисциплина, избегнување личен профит на сметка на општеството.
„Тоа подразбира и спроведување на законите на начин на кој ќе се почитува граѓанинот, на давање приоритет на квалитетот и унапредување на меритократијата. Доживеавме војни против нас. Ги надминавме обидите за предизвикување конфликти во нашите, сега е редот да се бориме против нашите недостатоци, против ситните огорчености, кланизмот и непотизмот, пред се против себичноста што не спречува да разбереме и прифатиме дека успехот на секој од нас е придобивка за сите нас“, изјави Меџити.