Од Министерството за здравство информираа дека оваа група е формирана од министерот за да им се овозможи на лекарите и здравствените работници ажурирани и независно прегледани медицински содржини засновани на докази. Според Министерството тоа е еден од начините да се унапреди квалитетот и ефикасноста на грижата за пациентите.
„Упатствата за практикување медицина заснована на докази, ќе им бидат поддршка на здравствените работници во критичните моменти во текот на работата, бидејќи ќе им овозможат брз и сеопфатен пристап до најновите и најдобри научни докази на едно место. Со тоа не само што ќе им заштедиме во време на лекарите, туку очекуваме и дека ќе го подобриме исходот од лекувањето и ефикасноста на третманот. Проектот всушност претставува целосна надградба на веќе постојниот проект за обезбедување упатства за практикување медицина базирана на докази од Министерството за здравство, кои не се ажурирани од 2014 година“, рече министерот Меџити на состанокот.
Со помош на работната група ќе се надградат неажурираните упатства со целосно нови упатства и тие ќе се ажурираат на една до две години за да бидат во тек со научните новини, додаде тој.
„Почетокот на проектот за преведување и стручна редактура на овие упатства е најдобар доказ дека нашето здравство има лекари ентузијасти кои се вложуваат за подобар здравствен систем, рече Меџити.
Медицината заснована на докази, подразбира употреба на докази добиени со помош на научни методи во одредени делови на медицинската практична дејност.
Со МЗД треба да се добијат квалитетни докази кои информираат за ризиците и бенефитите од медицинскиот третман, и подразбира разумна, експлицитна, издржана употреба на моментално најдобрите докази во донесувањето одлуки за грижата на секој пациент.