Меџити: Да прецизираме дека присуството може да биде физичко или онлајн

by fokus

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити денеска изјави дека на парламентарните партии од опозицијата им е оставено време да размислат за нивниот предлог за измени во Деловникот што би се однесувале на прецизирање на тоа што значи присуство на пратениците на собраниските седници.

– Во Деловникот стои присуство. Сакаме тоа да го прецизираме дека присуство може да е физичко или пак онлајн. Да не ги измачуваме тие што се пациенти во моментот, да не ги носиме, со посебен третман, па да ризикуваме… Не сакаме да дојдеме во ситуација да блокираме битни процеси, изјави Меџити, по координацијата со претседателот на Собранието.

На координацијата уште еднаш се отворила дебата околу начинот како Собранието ќе излезе од оваа ситуација, предизвикана од Ковид-19, рече пратеникот на ДУИ, имајќи предвид дека веќе тројца пратеници се позитивни.

– Утре може да бидат и поголем број. Да не дојдеме до блокада на сите процеси и даваме време на опозицијата да рефлектира и да не биде кочница на донесување на битни одлуки и процеси во Собранието, како што е ребалансот на Буџетот и сите други важни работи коишто можат уште повеќе да ја загрозат ситуацијата во државата. Затоа сакаме само како владејачки парии да одиме на прецизирање, не се работи за некоја голема промена или само за прецизирање што сфаќаме под зборот присуство, дали само физичко присуство или и онлајн присуство, рече Меџити.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, рече дека опозицијата би требало да разгледа компаративни анализи како е во регионот и во светот во ваква ситуација со Ковид-19, потсетувајќи дека Владата веќе работи на онлајн седници.

Поврзани новости