Во страв од поразот кој несомнено ги чека, ДУИ веќе го загуби компасот. Така, нивната единствена цел сега е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редови, обидувајќи се да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена, рече Изет Меџити, еден од лидерите на ВЛЕН.
-Денес јавно го прашуваме Али Ахмети дали е вистина дека им наредивте на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг од претседателските избори, иако се сретнавте со Стево Пендаровски и му ветивте поддршка? Ако ова е вистина, кажете ѝ на јавноста зошто не ги бојкотиравте претседателските избори во 2019 година? Што се смени од тогаш? Дали стравот од неуспех ви го заматува видот? Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада? – праша Меџити.
Сега кога ќе дојде време да преземете одговорност за корупциските скандали, додаде тој, вие подмолно се обидувате да го злоупотребите целиот албански народ како штит, но и помалите етнички заедници кои ги користите како заложници.
-По 8-ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците, ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко – рече Меџити.
Тој вели дека волјата на народот е да има промени и најави дека ќе има влада со над 70 пратеници.
-Законот е над сите нас, односно и над Али Ахмети. Ако згрешил кон законот, ако го прекршил законот, ќе одговара и Ахмети и секој од нас – порача Меџити.