Документарецот „Медена земја“ деновиве триумфира на два фестивала во Русија – ги освои наградите за најдобар дебитантски филм и за најдобар филм за животна средина на Интернационалниот филмски фестивал „Порака до човештвото“ во Санкт Петербург, како и гран-при за најдобар филм на интернационалниот филмски фестивал „Човек и природа“ во Иркутск, Сибир.
Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска деновиве првпат имаа можност да го претстават филмот во двете крајни точки на Русија: од Балтичкото Море (на запад) во Санкт Петербург, па сѐ до далечниот сибирски исток на Бајкалското Езеро.
На најстариот фестивал за документарен филм во Русија, „Порака до човештвото“, што се одржува на „Плоштадот на палатата“, каде што секоја година има околу 40.000 гледачи „Медена земја“ имаше две свечени проекции.
Стефанов и Котевска во своето обраќање нагласија дека имаат голема чест што присуствуваат на филмски фестивал чијшто приоритет е пораката што ќе ја испратат до човештвото и дека тие се надеваат оти со својот филм го постигнале токму тоа: испратиле едноставна и моќна порака што се однесува на луѓето од целиот свет. Токму затоа им беше врачен „Кентаурот“ – симболот на фестивалот.
Од Санкт Петербург си заминаа и со наградата за најдобар филм за животна средина – Bellona Environmental Law Organization’s prize. Дополнително, во Музејот на матрјошките, во чест на „Медена земја“ гордо е истакната и матрјошката од главната хероина на документарецот – Атиџе.
Филмот паралелно го имаше своето прикажување и во централна Русија, на филмскиот фестивалот „Флахертијана“ во Перм.
По ова, следуваше гостување на екипата на „Медена земја“ во сибирски исток на Бајкалското Езеро, на 18. издание на „Човек и природа“ – фестивалот што го нарекуваат и руски пандан на „Оскар“. Филмот се закити со статуетка од „Реката Ангара, ќерката на Бајкал“, инспирирана од старата легенда за Бајкалското Езеро.