Адвокатот Филип Медарски тврди дека нема никаков контакт со компанијата „Дијавериум“, туку неговото име во денешните разговори објавени на интернет се споменува во контекст на негов професионален ангажман за компанијата „Тотал ТВ“, каде, како што вели, бил ангажиран од мнозинскиот сосопственик во врска со кривична пријава поднесена од малцинскиот сосопственик.
„Ова не е прв, ниту единствен мој ангажман за оваа фирма, мојата соработка со неа датира години пред тоа. Спротивно на она што го тврди Антонио Милошоски, во мојот ангажман нема ништо спротивно на законите и професионалната етика. Заради тоа, тој ќе биде тужен за клевета и вистинитоста на своите тврдења ќе мора да ги докаже на суд. Фирмата „Дијаверум“ ми е позната само од медиумите и никогаш не сум имал било каков контакт со неа или било која друга компанија од областа на дијализата“, се наведува во реакцијата на Медарски.
Претходно, беа објавени исечоци од разговори во кои поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев говори дека компанија каде издејствувал да интервенира полицијата („Тотал ТВ“) го ангажирала Медарски, со цел, според Дончев, да се оствари влијание кај експремиерот Зоран Заев.
„Јас се согласив да го ставам тоа во мирување, мислејќи дека ќе има шанса да седнеме да најдеме заеднички јазик… Го ангажираа (Филип) Медарски пред извесен период, со цел најверојатно да имаат влијание кај премиерот… Шефот се согласи да им пуштат полиција внатре, влегоа… И Медарски замоли дали може да се најде заеднички јазик… ОК, ама што ако е игра, ако чекаат избори… – говори меѓу другото Дончев пред засега непознат соговорник.
Во меѓувреме, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на фејсбук ги објави разговорите на Дончев со коментар: „Ден Дончев: Зоки ми даде пас! Слушнете како Заев и Дончев биле тандем за рекетирање на фирми, а несебично им помагал и Медарски, адвокатот на Заев! .., а Венко дали знаел?!“.