Убиена мечка со две мали мечиња утрово се пронајдени во Националниот парк Маврово во близина на селото Жировница, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
Од ДИЖС велат дека Виш Инспектор за природа од Одделението за инспекциски надзор во природата-Запад направил вонреден инспекциски надзор по информација добиена по мејл и телефон од ЈУ НП Маврово.
„Во утринските часови на денес во близина на селото Жировница, поточно пред влезот во селото, забележано е ренџерската, односно чуварската служба дека се отстрелани три мечки: женка со две мали мечиња. При вонредниот инспекциски надзор е изготвен Записник за констатација од страна на ДИЖС при што ќе се води понатамошна инспекциска постапка, а присутни се и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање и полицијата“, соопшти ДИЖС.
Од Инспекторатот велат дека телата на застреланите мечки се пренесени во посебен ладилник на ЈУ НП Маврово, а при надзорот немало присутни лица од АХВ-Агенцијата за храна и ветеринарство и ДИШЛ-Државниот инспекторат за шумарство и ловство.
„Од страна на Полицијата се води посебна истражна постапка за пронаоѓање и санкционирање на сторителот“, соопшти ДИЖС.