Мечето Теди, кои живееше во нехумани услови, во мал кафез во ЗОО Штип, каде страдаше од депресија и се самоповредуваше, конечно заминува на подобро место.
Ќе биде сместено во соседна Бугарија, во „Паркот на танцувачките мечки” во Белица, резерват кој го финансира Фондацијата Брижит Бардо и „Четири шепи”, на огромна површина и во соодветни услови.
За Теди и неговата состојба во ЗОО паркот во Штип најпрвин алармираше Тина Мицковска, портпарол во ЗОО Скопје и активист за правата на животните. По борба која траеше околу една година, таа успеа да му најде нов дом на Теди, во кој мечето ќе ги има сите услови за среќен живот. Кога лани Мицковска ги објави фотографиите со несреќното мече затворено во кафез, од ЗОО Штип реагираа и тврдеа дека Теди сепак има услови за хуман и квалитетен живот кај нив.
Директорот на ЗОО Скопје, Ѓорги Галетановски, кој од почеток го поддржа процесот за транспортирање на Теди во едно подобро место, денес објави фотографии од подготовките за транспорт, и порача – Убав живот понатаму Теди!
Вики Клинчарова