Текстот е објавен на 10 декември 2010 година во неделникот „Фокус“.
Пишувал
Жарко ЈОРДАНОСКИ
Дејанче Николоски никогаш не бил цвеќе за мирисање. Уште од мал се виде дека му “лепи раката” и дека од него може да биде само арамија. Растеше во сиромашко прилепско семејство. Таткото алкохоличар често ја тепаше неговата болешлива мајка, а помеѓу две трезнања едвај ќе заработеше по некој денар со својата арабаџиска, запрежна кола.
Во трошната куќа на улица „Јоска Јорданоски“, малиот Дејанче и сестра му Габи честопати немаа доволно за јадење. Дејанче рано го напушти училиштето и се фрли на она што најдобро го знаеше – крадењето: обиваше трафики, продавници, крадеше акумулатори, точаци, а кога стекна поголемо искуство почна да провалува и по станови. Мајка му од јад дека единствениот син и стана арамија рано го напушти овој свет.
Тоа малку го замисли Дејанчета. Веќе имаше 24-25 години, а не знаеше што со себе. Иако криминалец, имаше многу другари, кои си го знаеа, ама го прифаќаа како “добар на душа”. Тие го советуваа да се смири, да се “стори чоек”. И навистина, по две години Дејанче дури и се ожени со својата девојка Ане, а набргу Господ им даде и убаво девојче.
Арно ама, со осмо одделение, без никаков занает и струка, ни неговиот семеен живот не ветуваше многу. Чекањето “под биро” не влеваше многу надеж, па Дејанче брзо му се врати на “спортот”.
Се обидуваше, додуша, меѓу две кражби и нешто чесно да заработи, најчесто препродавајќи стари коли, но без многу успех. А и арамилукот не му одеше мазно. Често го фаќаа, полицијата си го знаеше и си го апесеше повремено, сигурна дека нешто ќе му најде. И му наоѓаше. Па лежеше Дејан по затвори, по една година, по шест месеци, по четири месеци… Кутри Дејан, велеа другарите, памет не му доаѓа. Не е лош чоек, ама арамија, краста е тоа што не се лечи…
ЕДНО Е КРАДЕЦ, ДРУГО Е ЛИХВАР
Миле Мојсовски, исто од Прилеп, е поинаква приказна, иако и за него не може да се каже дека беше некое цвеќе. Тој беше човек на ова време, прематар, манга, швалериште. По разни сомнителни бизниси и еден неуспешен брак, од кој имаше син и ќерка, Миле – Мојсо замина од Прилеп за да си ја проба среќата во Скопје. Се занимаваше со лихварство, позајмуваше пари со големи камати, а потоа испраќаше изнудувачи за да си ги наплати. И него полицијата понекогаш знаеше да го уапси, ќе одлежеше година-две во Идризово, но си се враќаше на “бизнисот”.
Во Скопје по некое време Миле се прежени со 23 години помладата Лујза од Босилово, Струмичко. Со неа доби уште еден син. Бизнисот цветаше, парите се множеа, можеше луксузно да се живее. Често должниците немаа што да вратат, па долгот си го наплаќаше “во натура”. Во една таква зделка доби куќа со двор во скопското село Раштак, во друга скап џип, во трета дуќан или плац, имотот се множеше…
За животот да изгледа навистина “домаќински” Миле регистрираше фирма под име “Американа”, која требаше да биде параван за лихварските бизниси. Потоа изнајми и канцеларија на адвокатската улица во Скопје, во близина на судот, па дури и си вработи млада секретарка, тогаш 19-годишната Елена Тасевска од Кратово. Привидно, работите изгледаа прилично идилично за 59-годишниот Миле Мојсоски. Се до новогодишната ноќ 2004 спроти 2005 година.
Миле сакаше весело да ја прослави таа Нова Година, но не со големо друштво. Таква му беше работата – ретко некого канеше дома. Дента во очи Нова Година беше излезен со својот 12-годишен син, со џипот, и само по телефон и кажа на Лујза дека и Елена, неговата секретарка, ќе дојде да слави со нив, зашто немала друштво во Скопје. Лујза не се противеше. Па така приквечерината Миле, Елена и синчето веќе беа дома во Раштак. Масата беше поставена, музиката пуштена, пијачката и вечерата спремни. Новата 2005-та можеше слободно да дојде.
ХОРОР ЗА НОВА ГОДИНА
Но, наместо тоа, некаде околу 22 и 30, од дворот се слушна истрел и зацвиле големиот доберман што Миле го чуваше за секој случај. Сите во куќата се сепнаа. Миле дотрча до вратата и ја подотвори, а таму веќе стоеја двајца маскирани со качулки на главите, вооружени со пиштоли. Пред било што да кажат, припукаа. Погоден во градите со два-три куршуми, облеан во крв, Миле се дотетерави неколку метра до дневната соба и се струполи мртов.
Маскираните упаднаа, почнаа да растураат и да ги прашуваат Лујза и Елена каде му е сефот на Миле, каде ги крие парите? Едниот дури и го клоцаше мртвиот Миле и викаше: “Ти ли ќе ја дупиш сестра ми!” На детето му се заканија: “Ти мали да ќутиш, да не те снајде истото”. Зедоа да ја мачат Лујза, и ја чукаа главата од масичка, ја бодеа со нож на бутините велејќи: “Кажи, ти си му жена, ти знаеш каде му е сефот!”
Исплашените жени не кажуваа или не знаеа каде е сефот, па едниот од насилниците зеде да ги врзува со селотејп преку устите и рацете. Другиот претураше по куќата и во спалната најде тешка метална каса. Двајцата ја изнесоа до гаражата, ја ставија во џипот “Опел монтереј” на Миле, ја разбија вратата на дворот, и со голема брзина исчезнаа од Раштак.
Лујза и Елена се ослободија некако, повикаа помош, и уште вечерта беа пренесени на трауматологиија, а полицијата изврши увид. По неколку дена џипот на Миле беше пронајден кај Воена болница во Скопје, без сефот, се разбира. Веднаш по Нова Година весниците осамнаа со најави и наслови од типот “Грозоморно убиство во новогодишната ноќ!”, “Новогодишен хорор во Раштак”, “Убиен скопски лихвар” и слично.
СВЕДОЧИ, ИЛИ ЌЕ ТИ НАКАЛЕМИМЕ УБИСТВО!
Нашиот Дејанче многу не читаше весници и речиси да не ја забележа оваа вест. Да знаеше дека таа ќе биде пресудна во неговиот живот ќе обрнеше на неа поголемо внимание. Милета Мојсоски, кој беше двојно постар од него, едвај да го познаваше. Го запознал еднаш пред неколку години додека заедно отслужувале затворска казна во Идризово, секој според своите заслуги. Биле сместени во различни крила на затворот, и се запознале на редовната прошетка.
“Ти си од Прилеп? И јас имам живеено во Прилеп”, толку, според Дејанче, била нивната комуниација. Но и тоа, иднината ќе покаже, може да биде премногу.
Од убиството на Миле, кое ја потресе јавноста, и остана нерешено, како и многу други во Македонија, поминаа четири години. Истрагата тапкаше во место како и многу други. Дејанче си продолжи со својот вообичаен “бизнис”, и за таа работа повремено правеше екскурзии до Скопје. Во една таква операција, на 12 февруари 2009 година, Дејанче и неговиот пајаташ, извесен Тони Ристески од Прилеп, се уапсени откако обиле некој стан на улицата „Венјамин Манчуковски“ во скопската населба Мичурин.
Кај нив се најдени француски клучеви, шрафцигери, хебли и слични алатки, а двајцата „мајстори” попусто се ваделе дека се дојдени да купат делови за опел од автопазар, а клучевите им требаат за да ги извадат. Спроведени се прво во полициската станица во Аеродром, а потоа и во МВР. Однесени се на препознавање, зашто некои од соседите ги виделе.
И тогаш за Дејанче настапува шок: Инспекторите му велат дека е препознаен како сторител на убиство и тешко разбојништво од 31 декември 2004 година во село Раштак!
Дејанче не знае каде е, попусто се правда, признава дека е крадец, дека обива станови, дуќани, краде акумулатори, се, се, ама – убиец не е!
Во неговата ќелија доаѓаат разни инспектори, некои ги запомнал по име, други не. Му велат – признај го убиството, препознаен си! “Ама како сум препознаен, јас не сум убиец, не сум бил никогаш таму, како да признаам”- се правда тој.
Тогаш еден од инспекторите му рекол:
– Добро, има начин како да се спасиш од доживотна робија. Нам ни треба сведок за еден случај, и ти ќе се појавиш како сведок. Имаш половина час да размислиш, инаку не ти гине доживотна робија – ги раскажува Дејанче зборовите на инспекторот што го сослушувал во МВР.
Веднаш потоа е пренесен во Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари. И таму го посетиле некои инспектори од Прилеп, што го познаваат од порано и „пријателски” го убедувале да го признае делото, да ги каже соработниците и да соработува со инспекторите од МВР.
– Едниот од нив, инспектор од Прилеп, го знам убаво и по име и презиме, отворено ми велеше: Дејанче, знаеме дека не си ти, ама најубаво ти е да признаеш и да соработуваш – раскажува Дејанче.
Бидејќи не бил кооперативен, на Николовски воопшто не му кажале што и против кого треба да сведочии.
– Што и да е, им реков, не сакам невин човек да носам на душа. Јас сум крадец, ама убиец не сум и не сакам некој да настрада поради моето лажно сведочење. Тое е грев од Господ, а јас имам фамилија – вели Дејан, кој сега веќе е префрлен во затворот Идризово.
ШТО ИНСПЕКТОР ЌЕ РЕЧЕ, СУДОВИТЕ ОСТВАРУВААТ
Оттука натаму, ситниот криминалец Дејанче Николовски е препуштен на независното и објективно македонско судство. Прво, во сите медиуми е пуштена сензационална вест дека е “расветлено” убиство од пред четри години. Македонските медиуми без никаква ограда или презумција на невиност пренесуваат дека убиец на Миле Мојсоски е 33-годишниот (тогаш) Дејанче Николовски од Прилеп со прекар Бурде. На јавноста може да и лекне, а МВР може да прокнижи поен во борбата со криминалот.
По извесно време истражниот судија Велчо Панчевски успева од основниот јавен обвинител Лазар Катранџиски да издејствува обвинение против Николовски и Ристевски за едно дело разбојништво со смртни последици, и за неколку кражби. Предметот прво го добива судијката Гордана Сајковска, а подоцна судијката Џенета Бектовиќ. Николовски го зема адвокатот Ратко Боцевски, а потоа од многу добри причини (види рамка) го заменува со Вања Атанасов од Битола.
Оштетената Лујза Мојсоска ја застапува адвокатката Мирјана Васиќ. Претресот почнал на 10 септември 2009 година, се одржале четири рочишта, а завршил на 19 ноември 2009 година. Пресудата на Основниот суд Скопје 1 е објавена на 25 јануари годинава и таа е – осудителна! Дејанче Николоски е прогласен за виновен за кривично дело разбојништво со смртни последици и за една тешка кражба во вкупно траење од 12 години!
Бранителот на Николоски, Вања Атанасов, ја обжалил пресудата до апелацискиот Суд, а тој пак, на 25 ноември донесе пресуда со која ја потврди пресудата на Основниот суд, со што таа стана правосилна. Дејанче Николоски деновиве треба да биде префрлен во затворот во Идризово каде треба да одлежи уште 11 години затвор, зашто во казната му се смета и притворот.
ДОКАЗИТЕ НЕ СЕ ПРОБЛЕМ – ДОКАЗИ НЕМА!
Адвокатот Вања Атанасов вели дека ове е сосема ирационална, бизарна пресуда која не почива на никакви докази.
– Прво, сосема е чудно судот да го прогласи Николоски за виновен за толку тешко дело, ладнокрвно убиство со елементи на свирепост, измачување и тортура, а да му даде толку мала казна! За такви дела се досудуваат многу подолги затворски казни. Со самата пресуда судот кажува дека не е сигурен дека осудениот е извршител на делото, а тоа е затоа што немаше никакви докази – вели бранителот Атанасов.
Загрижувачки е исто така, вели тој, што во целиот претрес одбраната била ставена во ситуација да докажува дека осомничениот е невин, а не обратно, што е повреда на принципите на владеење на правото.
Пресудата дека Николоски е виновен е изречена само врз основа на препознавањето на една од оштетените – сопругата на Миле, Лујза Мојсоска. Според нејзиното кажување, таа ги видела двајцата маскирани стоејќи позади грбот на сопругот, кога овој ја отворил вратата. Видела двајца луѓе, еден повисок еден понизок, како стојат пред прагот. Едниот, повисокиот, имал качулка само со отвори за очите и носот, и тој пукал во нејзиниот сопруг.
Другиот, малку понизок, имал капа ниско над очите, и го видела една до две секунди, а потоа неговиот партнер со еден потег му ја спуштил качулката, па и тој бил маскиран преку целото лице кога влегол во станот. Сепак, иако го видела една секунда, пред повеќе од четири години, без проблем го препознала маскираниот кога била изведена на препознавање! Со таа ограда што рекла дека сега напаѓачот е подебел, а тогаш бил послаб!
Во претресот одбраната барала да покаже дека тоа не е точно – Николоски не ослабел во меѓувреме, за што имал фотографии и видео-снимки од кои се гледа дека во 2004 и 2005 бил дури и подебел, но судот ги отфрлил тие докази!
ЛУЈЗА ВО КЛИН, ЕЛЕНА ВО ПЛОЧА
Освен тоа, Лујза, сопругата на Миле, веднаш по злосторството, во 2005-та пред полицијата дала опис на напаѓачот што го видела едена до две секунди без маска. Тој опис ни малку не одговарал на описот на Николоски! Таа зборува за човек со испиено, издолжено лице, многу слаб, со потемнета кожа “како наркоман”, со крупни очи, што е сосема спротивно од изгледот на осомничениот – шишкав, полничок, со тркалезно лице и ситни очи. За да се надополни овој недостаток во изјавата пред судот, Лујза рекла дека го препознава осомничениот по одењето.
Чудно е што во изјавата за полицијата во 2005 никаде не спомнала дека имало нешто специфично во одењето на напаѓачот. Него, како што изјавила тогаш, освен на вратата, не го видела повеќе, зашто тој го претресувал станот, додека другиот напаѓач ја тепал, ја удирал па таа, како што изјавила „била целата облеана во крв и во бунило”. Во таква ситуација тешко може да се поверува дека го запомнила одот на човекот кој бил целосно маскиран.
Да бидат изјавите поконтрадикторни се погрижила Елена Тасевска, втората жртва таа вечер и клучен сведок. Таа тврди, за разлика од Лујза, дека понискиот напаѓач за цело време не носел качулка на главата, но таа ниту при препознавањето ниту во судницата не можела категорично да каже дека тоа бил Дејанче Николоски! Се задржала на тоа дека “и’ наликува на него, но не може да тврди дека е тој.”
А токму таа вели дека подолго го гледала напаѓачот, што е уште почудно. Лујза Мојсоска го видела само на една до две секунди, но затоа категорично тврди дека е тој, а судот целата пресуда против Николоски ја заснива само на таа изјава и на ништо друго!
НЕ И СЕ ВЕРУВА НА ДНК-АНАЛИЗАТА!?
Судот не успеал да презентира ниту еден материјален доказ дека Николоски бил таму за време на убиството. Земени се биолошки материјали од самиот стан, влакна, плунка од опушок на цигари, како и од самиот џип, кој е пронајден во Скопје. По извршената ДНК анализа, вештачењето покажало дека тоа не се трагови од обвиентиот Дејанче Николоски.
Исто така не се негови ниту отисоците на прстите, иако во претресот, според сведоците, се покажало дека напаѓачите не носеле ракавици, а фаќале секаде по станот, го пуштале радиото, претресувале шкафови. По овие резултати одбраната речиси славела, но повторно студен туш – Судот во пресудата овие две работи, ДНК анализата и отисоците на прстите, само попатно ги спомнува и преминува преку нив како “покрај турски гробишта?!Односно, не им посветува никакво внимание и од нив не извлеквуа никаков заклучок.
Судот не посветува никакво внимание ниту на психолошкиот профил на обвинетиот – дека тој нема историја на насилно однесување, дека никогаш немал крвни деликти, дека немал оружје ниту бил вмешан во дело во кое е употребено оружје. Односно, дека станува збор за ситен криминалец, а не ладнокрвен убиец. Не е пронајдено никакво оружје ниту на местото на настанот ниту кај него. Исто така нема објаснување зошто Дејанче Николоски, ако навистина ограбил сеф во кој наводно имеало повеќе од 100 илјади евра во девизи, злато и накит, живеел толку скромно и во сиромаштија цели четири години по делото?
Судот, освен тоа, не успеал да утврди никаква релација меќу обвинетиот Дејанче Николоски и жртвата Миле Мојсоски, ниту да објасни од каде тој знаел каде овој живее, да докаже дека меѓу нив имало контакти или било какви релации. Уште помалку објасната останала чудната реченица “ти ли ќе ја дупиш сестра ми”, што ја повториле двете жртви во сведочењето, зашто сестра му на Николоски, Габриела Богоеска, семејна жена со две деца, никогш претходно ниту го видела ниту чула за Миле Мојсоски.
ЛАЖАТ И СВЕДОЦИТЕ, ОТИ ГО ПОЗНАВАЛЕ!
Освен контрадикторните изјави, судот како меродавно го зема полиграфското тестирање на детекторот на лаги на Дејанчо. Тоа покажало дека Дејанчо се возбудил на прашањата за убиството на Мојсоски. Бранителот потсетува дека светска практика е полиграфските тестирања да се земаат само како помошно, а не како круцијално средство во доказната постапка, но судот го отфрлил образложението на одбраната дека обвинетиот може да е возбуден од страв поради тежината на делото што му се става на совест.
За да биде судот сосема контрадикторен, со исто такво образложение, судот ги оправдува и ги прифаќа контрадикторните изјави на жената на Миле и неговата секретарка, Лујза и Елена. Судот смета дека тие биле под стрес и дека поради тоа можеби не се сеќаваат најпрецизно на настаните. Но и Николовски, кому му се заканува казна од 12 години затвор, исто така бил под стрес.
Она што е најклучно и наеклатантно е што судот „ладно” го отфрлил „алибито” на обвинетиот – сведочењето на сведоците на одбраната дека Дејанчо Николоски во времето на убиствоо – на 31 декември 2004 година славел Нова Година заедно со 17 роднини и пријатели, а таа вечер се видел со дури 30 луѓе!
Одбраната понудила список од 17 луѓе кои таа вечер, заедно со него, биле во неговиот дом на „Јоска Јорданоски 63“, некои дошле од Скопје, други од Македонски Брод, трети биле од Прилеп, и таа вечер или заедно славеле или поминале кај нив на честитање. Од сите 17 понудени сведоци, судот прифатил само 4, со образложение дека се доволно. Сите тие изјавиле дека “критичната ноќ” го виделе Дејанче, биле со него, опишале што правел, одел по пијалак, местел антена, пуштал музика…
Опишале од час во час кога стигнале во Прилеп, каде биле прво, каде отишле потоа, кого виделе.. На крајот, во пресудата судот сите нивни сведочења ги игнорира, наведувајќи дека тие имале мотив да изјават така, односно да го бранат обвинетиот, затоа што биле во некакви роднински и пријателски релации со него, (баџанаци, шури, и слично) премолчувајќи го фактот дека токму судот ги одбрал токму тие сведоци! Меѓу понудените сведоци на одбраната имало и такви кои не му се во никаква врска, па дури и такви што не ги познавал претходно, но судот ги одбрал токму тие сведоци што потоа сам ги дисквалификувал! Заборавајќи дека давањето лажни изјави е кривично дело, судот сите нивни изјави едноставно не ги зема предвид и не извлекува од нив никаков заклучок. Со други зборови, судот 17 луѓе прогласува за лажговци!
– Ова е преседан! Ситните разлики во изјавите на сведоците, за нешто што се случило на Нова Година пред пет години не може да бидат причина за отфрлање на нивните сведочења. Важното е дека луѓето под полна морална и материјална одговорност изјавуваат дека таа ноќ го виделе, биле, седеле со Дејанче Николоски! Ако такви сведочења можат тукутака да се отфрлат, тогаш може се – вели резигнирано адвокатот Атанасов.
ПО ПРАВДА САМО ВО СТРАЗБУР
Бранителот на Дејанче најавува дека ќе поднесе барање за вонредно испитување на правосилната пресуда пред Врховниот суд, што е последна инстанца во македонското судство, а ако и тоа не помогне, ќе поднесе претставка до судот во Стразбур. Повеќе правници и адвокати што го виделе предметот „се крстат со две раце”. Толкав немар и ароганција во постапката ретко се сретнува дури и во македоснкото судство. Николоски е осуден иако ДНК анализата потврдила дека биолошкиот материјал пронајден на местото на злосторот не е негов, како ни отисоците на прстите.
Осуден е иако 17 сведоци можеле да потврдат дека во истиот момент тој се наоѓал на сосема друго место, 150 километри оттука. Осуден е иако крунскиот сведок тврди дека го видел само на две секунди, а препознавањето го извршил пет години по настанот. Осуден е иако описот што го дал тогаш ни најмалку не одговара на описот на обвинетиот. Иако сите докази биле на негова страна, ситниот криминалец и провалник Дејанчо Николовски е осуден на 12 години затвор. Има само едно објаснување – осуден е затоа што некој доволно моќен сакал да биде осуден!
Рамка
ИМ ПОМОГНАВ ДА ФАТАТ ВАЛКАН АДВОКАТ, ПА МЕ ЗАБОРАВИЈА
Габриела Богоеска, сестрата на Дејанче Николоски, уште од првиот ден е ангажирана да докаже дека нејзиниот брат не е убиец и дека не го извршил грозоморното дело кое му се става на душа. Веднаш по апсењето на Дејан, таа го ангажирала адвокатот Ратко Боцевски од Скопје и неговата соработничка Благица Арсовска. Габриела била уверена дека кривичната пријава притив Дејанче веднаш ќе падне, зашто не содржи никакви докази и нема воопшто да биде покренато обвинение.
– Адвокатот Боцевски, очигледно не преземал ништо, дури и не го доставил списокот со луѓе кои можат да посведочат дека Дејанче во тој момент бил со нив и не можел да го изврши делото. Обвинението беше покренато, што за нас беше шок – вели Габриела, сестрата на Дејан.
Семејството во паника побарало објаснување од адвокатот Боцевски, но тој “ладно” им соопштил дека за да го “извади” Дејан му требаат 20.000 евра, дел за него, а дел за да подмачка „каде што треба”! Шокирани, блиските на Дејан се обратиле до Управата за внатрешни работи во Прилеп за да пријават обид за корупција. На тоа инспекторите побарале од нив да соработуваат. Габриела се согласила, особено што инспекторите изразиле уверување дека Дејан, кого тие добро го познавале, е невино обвинет.
На Габриела и дале обележани банкноти во износ од 5.000 евра, ја озвучиле со микрофони и и рекле да се сретне со Боцевски. Таа тоа и го сторила, а полицијата целата средба ја снимила со видео-камера. Инспекторите причекале неколку дена да видат дали адвокатот навистина ќе подели дел од митото, а потоа упаднале во канцеларијата на Боцевски и Арсовска, во близина на новата Железничка станица, и таму ги пронашле обележените пари.
Испаднало дека тие не го поделиле поткупот со никого. Против нив е покрената кривична пријава, а подоцна и обвинение за корупција. Судската постапка се уште е во тек. Адвокатите фатени на дело се бранат од слобода и ги користат сите можности за одлагање на рочиштата.
Чудно е, вели Габриела, што по овој случај, инспекторите од Прилеп се повлекоа, и не се потрудија да дознаат кој и зошто сака да го намести мојот брат.
– Инспекторите си ја завршија работата и ги снема. Дали наидоа на нешто многу поголемо, дали мислеа дека се вмешани и некои обвинители, не знам, но тоа беше чудно. Можеа да истражат што е заднината, особено што целата работа е многу сомнителна – вели Габриела.
Таа самата се обидела да дознае нешто повеќе за заднината на случајот, па дури отишла во скопското село Раштак, па и во Босилово, родното место на Лујза, сопругата на Мојсо. Верзиите што таму ги слушнала, прво од соседите на Мојсоски, а потоа и од познаници на Лујза во Босилово, на кои таа им прераскажувала што се случило, многу се разликуваат од она што го тврди полицијата и од она што можело да се чуе во судницата.
– Брат ми навистина е крадец, но не е убиец и не треба да лежи невин в затвор со години. Вистината еднаш мора да излезе на виделина – вели Габриела Богоеска.