Премиерот побрза да потенцира дека увозот за мазут бил законски. „Сѐ е по Устав и закон“, СДСМ веројатно го впива од премногу апсорбирање вмровци во сопствените редови. Нејсе, премиерот и Рашковски го бранеше/брани, па видовме тоа до каде дојде.
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Неколку години наназад (а сосем можно и децении) во оваа вукојебина од држава, која интенционално не ја нарекувам банана држава за да не би ги навредил бананите, се увезувало штетно масло легално шверцано како мазут, и тоа се користело како ресурс за греење во повеќе државни институции, болници, училишта и градинки, правејќи енормен профит за увезувачите, а непроценлива штета за сите ние кои се заебавме да останеме да живееме тука.
Сево ова е несомнено сторено со амин на целокупниот државен врв. Неможно е да не е директно инволвирана Царинската управа. Неможно е никогаш да нема контрола од Министерството за економија под чија капа е увозот. Неможно е да спијат сите инспекторати години и години наназад и тоа да добива ферман од државата. Едноставно се подмачкувало со „масло“, и тоа дебело.
МОЌНИЦИТЕ СЕ ЗАКАНУВААТ
Скандалот го откри редакцијата ИРЛ на чело со новинарката Сашка Цветковска за која повеќепати сум посочил дека има кохонес како слон. Ги рендаше ДПМНЕ кога беа најмоќни, продолжува во ист стил и сега. Одлична сторија, која инволвира неколку државни функционери, и неизбежниот и ултра моќен Кочо Анѓушев, кој согласно истражувањето бил линкот помеѓу увозниците и босанската фирма што го продава штетното масло.
Моќник не би бил моќник, ако не се заканува. Час поскоро, Анѓушев изјави дека поддржува слобода на изразување, ама затоа, пак, и најави дека ќе ја тужи Цветковска. Мојата порака е таа да издржи и слободно да ми се јави доколку дојде до тужба. Мораме да научиме да живееме без страв од орудијата на моќниците потпрени на плеќите на политички и бизнис инфестираното судство!
КАДЕ ЖИВЕАТ ОВИЕ ЛУЃЕ?!
Штетата што ние како граѓани ја трпиме е неизмерна. Неколку македонски градови, Скопје, Битола и Куманово лани беа на самиот врв на најзагадени градови во светот! Заборавете на Латинска Америка, Африка и субконтинентална Азија, ние го дишевме најгнасниот воздух на планетата. Во истото тоа време, оној несреќен демек шеф на кабинет на Град Скопје нѐ убедуваше дека воздухот во Скопје е значително почист од порано!
И откако пукна аферата, почнаа да фрштат инспекции. Демек ќе имало одговорност. Мижи Асан да ти баам. Затоа, пак, во интервју токму за „Фокус“ премиерот побрза да потенцира дека увозот за мазут бил законски. „Сѐ е по Устав и закон“, СДСМ веројатно го впива од премногу апсорбирање вмровци во сопствените редови. Нејсе, премиерот и Рашковски го бранеше/брани, па видовме тоа до каде дојде.
Она што ме чуди е, каде ли живеат тие луѓе? Нели го дишат истиот воздух? Нивните деца нели живеат во Скопје? Кога подобро ќе размислам, па одговорот е НЕ, живеат во Монте Карло, Виена, Берлин, Париз и останати места, каде што ничиј татичко не смее ни да помисли да увезува ѓубре. А дури и да се разболат, имаат здиплено доволно средства да се лечат во најдобрите болници. А за тебе народе, сркај мазут и ќути!