Матријархат, патријархат и партијархат

by Fokus

По толку милениуми на развој на општеството успеавме да стасаме до партијархатот како општествено уредување, кое никого не води напред, најмалку државата, општеството и граѓаните, дури не ги води напред ниту партиските моќници и послушници затоа што сѐ има свој крај, а ѓаволот секогаш доаѓа по своето

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Матријархатот е концепт кој ја опишува општествената организација во која владеат жените. Во ваквото општество, мајката била исклучително почитувана, таа била глава на семејството и по неа се пресметувало сродството. Се претпоставува дека уште од праисторијата, луѓето ги обожавале женските божества и гаеле култ на големата мајка. Многу од научниците сметаат дека во таквите општества, доминантни биле начелата на почитување на животот, мајчинската љубов, простувањето итн. Со ваквата претпоставка за матријархатот можат да се објаснат познатите бајки, митови, античките грчки драми и други духовни творби.

Патријархатот е социјална организација на животот на луѓето, во која највисоката власт и почит ја има таткото, а во модерното време, мажите, додека жената има подредена улога. Патријархатот се одликува со строга хиерархија во која владеат две правила, жените им се подредени на мажите, а младите на постарите. Сродството се пресметува по таткото. Различни се објаснувањата за настанокот на патријархатот и неговите корени, но главно се врзуваат со преселбите и вооружените судири.

ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

Со текот на времето, човештвото изминало долг пат во уредувањето на општествените односи, кои се движеле од робовладетелство, феудализам, капитализам и социјализам, кој не постои повеќе како општествено уредување. Постојана била заложбата и обидите да се влијае и уредува правецот и содржината на општественото живеење, а особено влијание на државата по нејзиното настанување, доведуваат до настанувањето на политичките партии.

Политичката партија е политичка организација, која опфаќа луѓе со иста политичка идеологија, а со основна цел, целосно или делумно да ја освои и врши државната власт по демократски пат на избори. Терминот политичка партија влегол во употреба во почетокот на 18 век.

Настанокот и развојот на политичките партии, главно се врзува со борбата против апсолутната монархија, а како најчести причини се наведуваат ширењето на избирачкото право, тежнеење за влијание на пратениците и желбата на пратеникот да биде повторно избран.

На почетокот на 19 век, избирачко право имале само 5-7 отсто во Британија, а само 3 отсто во Франција. Дел од теоретичарите, појавата на партиите ја објаснуваат со кризите во политичкиот систем, и тоа криза на легитимација – проблем на носителот на суверената власт (монархија-република), како што е тоа случај во Англија и во Франција, криза на интеграција – проблеми на територијалниот интегритет и желба на националните групи да се здружат во политичка заедница (Германија, Италија, Белгија) и криза на партиципација – потиснати општествени групи истакнуваат барања за поголемо учество во политичкиот живот.

До формирањето на партиите, според теоретичарите, се доаѓа на два начина, и тоа со поврзување на парламентарните групи и вонпарламентарно, со формирање политички партии на различни групи и организации (црква, синдикати, професионални здруженија), а заради остварување на своите политички интереси (Демохристијанска партија, Лабуристичка…).

ПРЕТСТАВНИЧКИ СИСТЕМ

Настанокот и развојот на политичките партии се неделиви со развојот на претставничката демократија, односно со избирачкото право на граѓаните и избор на претставник на народот со посредство на тоа право. Развој на претставничкиот систем го отвори просторот за посредување меѓу граѓаните и институциите на власта и истиот го условил настанокот на политичките партии. Политичките партии во однос на избраните народни претставници имаат примордијална функција. Тие ги одбираат кандидатите за народни пратеници, кои им се сервираат на граѓаните како решение, за кое треба да гласаат, но и оној кандидат, кој  освоил најголем број гласови, суштински има незначителен дел на избирачкото тело, кое застанало зад него.

Теоретски, а многу малку присутно во пракса, улогата на политичката партија е да ги дисциплинира избраните претставници на народот. Тоа во теоријата се сведува првин на тоа избраниот да се заштити од самиот себеси, односно од искушението да попушти под притисок и влијание на различните интересни групи и да ја сочува програмата поради која и бил избран.

За жал, ваквата функција на партијата е испревртена кај нас, како и сѐ друго, а за што сме махери, и се сведува на дисциплинирање на избраниот народен претставник како послушник и гласачка машина за желбите и потребите на извршната власт. Сѐ повеќе се маргинализира улогата на народните претставници и нивната смисла и причина за постоење, бидејќи преку нив не се артикулираат и остваруваат интересите на народот и граѓаните, туку тесните политичко-партиски интереси што ги дефинира извршната власт.

Во последните децении во нашата држава , а воопшто и на Балканот, парламентарната власт, односно законодавната, е сведена на гласање закони без каков било критички осврт на истите, особено од страна на пратениците што се припадници на партијата на власт, партијата што ја формирала владата.

Многу тешко можеме да зборуваме и за сочувувањето и исполнувањето на програмата поради која е избран, бидејќи веќе долго време таква програма не постои во ниту една политичка партија и таа не се нуди на изборите. Она што се нуди на изборите е помало зло, односно мотото ние не сме лоши и криминалци колку другите. Дисциплинирањето на пратениците не се случува поради неостварување на правата на граѓаните и народот, туку во ситуации на непослушност кон партиското раководство, кое најчесто се наоѓа во извршната власт.

ОБРАЗОВАНИЕ НА ИЗБИРАЧИТЕ

Третата општествена функција што би требало да ја имаат политичките партии, а, за жал, ја немаат и никогаш ја немале на овие простори во изминатите децении, е образование и известување на избирачите. Функцијата на образување на избирачите опфаќа нивно поттикнување на напуштање на поединечните интереси и преокупации кон потребите на целото општество на кое му припаѓаат.

Секоја политика и секоја програма претпоставуваат избор и жртва на поединечниот интерес за општото добро и интерес и партиите треба да ги потсетуваат граѓаните на тоа. Во тоа треба и мора да биде разликата меѓу политичките партии и интересните групи, кои настануваат на основа на поединечни интереси.

Политичката партија нема и не смее да има монопол при артикулација на општите општествени и државни интереси, но секако треба да имаат привилегирано место во одредување на глобалната политичка визија во која се интегрирани интересите на сите социјални категории.

Во Македонија оваа улога, не само што не е практикувана и запазена, туку е искривена и злоупотребена во тесните партиски и поединечни интереси на различни политички или бизнис-моќници. Наместо општите интереси, се негуваат и штитат наведените интереси, а секое истапување против истите се дисциплинира на различни начини, вклучувајќи го и судството и обвинителството како политички обоени институции.

Отсуството на глобалната политичка визија и иднината се гледаат во непостоењето национални стратегии и црвени линии за зачувување на националните интереси, одлики и обележја. Секоја политичка криза главно се решава со отстапување и откажување од дел од националните интереси, кои не ретко задираат и во националниот идентитет и просперитет.

Политичките партии треба да придонесат и за информираноста на избирачите и да бидат транспарентни и отчетни, што исто така не  е случај во поновата историја на државата.

ДРЖАВАТА И ПАРТИИТЕ

Државата, пак, кон политичките партии може да зазема различни ставови од кои најчести се: ставот на забрана– се забранува работа на партиите, или на оние партии кои имаат противуставни цели; став на игнорирање-државата не ја интересира партискиот живот и се ограничува на контрола дали нивната работа се одвива во рамки на почитување на законите; став на признавање-задолжителна регистрација и контрола на нивната внатрешна организација, особено кога им доверува вршење јавни функции и, став на инкорпорирање – кога постои држава-партија, односно државата на една партија ѝ признава јавна функција при одредување на правецот на државната политика и предвидува институционално спојување помеѓу државните и партиските органи, а водењето на државната политика им се доверува на партиските органи. Последниот опишан став се повеќе е присутен и применуван во нашата држава ,но и во нашето опкружување.

Со освојувањето на државната власт, што е основна политичка цел на секоја партија, партијата добива можност државата да ја потчини на партијата, односно државата да биде во рацете на онаа општествена група која ја претставува партијата и раководи со неа. Вршењето на државната власт партијата го спроведува преку поставување свои припадници на најбитните и влијателни места кои донесуваат државни одлуки.

Сево ова во нормалните држави и демократски општества функционира со запазување на општиот и граѓански интерес и националните и државни интереси, со што се унапредува и државата, но и општеството и граѓаните, додека кај нас отсуствува  вториот дел. Партиските интереси се издигаат на ниво на државни интереси, а интересите на партиските раководства и моќници на ниво на интерес на граѓаните и општеството. Партиската книшка стана пасош за преминување на дозволените и пропишани норми, стана привилегија, а не обврска.

По толку милениуми на развој на општеството успеавме да стасаме до партијархатот како општествено уредување, кое никого не води напред, најмалку државата, општеството и граѓаните, дури не ги води напред ниту партиските моќници и послушници затоа што сѐ има свој крај, а ѓаволот секогаш доаѓа по своето.

 

 

 

 

Поврзани новости